Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Познат е идентитетот на двајцата загинати и тешкоповредениот во сообраќајката на експресниот пат Прилеп – Градско, во која учествувале две возила со прилепски регистарски таблички. Секторот за внатрешни работи Велес попладнево сподели повеќе детали за сообраќајната несреќа.

– Денеска во 13:30 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на експресниот пат Градско-Прилеп, после исклучокот за Кавадарци, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „шкода октавија“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ж.Р. (51) од Прилеп и патничко возило „фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Т.М. (39) од Прилеп. Во несреќата на местото починале возачот на патничкото возило „шкода“ и 42-годишната Б.Б. од Прилеп, спопатник во возилото, а смрт констатирал лекар од екипа на Итна медицинска помош Кавадарци – соопштија од СВР Велес.

Оттаму додадоа дека со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „голф“, констатирани во Општа болница Кавадарци и бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото извршил јавен обвинител во содејтво со увидна екипа од ОВР Кавадарци.

Сообраќајот бил нормализиран во 17 часот.