Фото: Пиксабеј

Засега во државата има само препораки за лекување од ковид-19, кои се водич за лекарите и се достапни на веб-страница на Министерството за здравство

Водич за лекување на болните од ковид-19 добија лекарите. Дали им е потребен на пациентите ваков прирачник за самопроцена и едукација, за да знаат кога и колку итно треба да појдат на лекар?

Омикрон-сојот на коронаирусот се шири многу брзо, а тоа прави да се преблокирани матичните лекари со пациенти кои бараат помош. И покрај тоа што бројот на заразени се намалува, коронавирусот и понатаму заразува, а кај матичните лекари одат пациенти со други болести, но и оние кои имаат последици по прележувањето.

За да се растоварат лекарите,  пензионираната професорка на Медицинскиот факултет во Белград, пулмологот Драгана Јовановиќ направила краток водич за пациенти во Србија.

Фото: Принт скрин

Незиниот водич, пренесува српската телевизија Н1 се темели на три елементи. Едниот е симптоматолошки, вториот е клиничката слика на пациентот и третиот е ризик факторот на пациентот. Според нејзиниот водич, по појавата на првичните симптоми и сомнеж за ковид-19 најдобри е пациентите да се проверат со антигенски тест дома.

Таа советува за евентуални благи симптоми да не се оди на лекар, а доколку се појават симптоми на кашлица и температура веднаш да се побара лекарска консултација. Ризик факторот кај еден пациент е третиот аспект и според него секое лице со хронични болести треба да посети матичен лекар, ако веќе има симтоми на ковид -19.

Потребни се посебни ковид-амбуланти

Матичните лекари велат дека ваков краток водич и во Македонија би бил растоварување за амбулантите. Засега во државата има само препораки за лекување од ковид-19, кои се водич за лекарите и се достапни на веб-страница на Министерството за здравство.

Епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски ја наметна темата дека за да се растоварат матичните лекари, би требало да се воспостават посебни ковид-амбуланти (или тријажни центри) во секоја општина низ државата – во рамките на здравствените домови.

– Таму да се јавуваат сите граѓани со симптоми на респираторни инфекции. На тој начин, сосема би се елиминирале ризиците тие, ако би имале ковид-19, да заразат други пациенти со „не-ковид“ патологија. Истовремено, на матичните би им останало повеќе време да им посветат на тие пациенти – посочува Даниловски.

Што треба да знаете за да се јавите на лекар?

Д-р Јовановиќ вели дека пациентите кои стојат во редови пред амбулантите на матичните доктори се изложени на поголем ризик, зашто и таму може да се заразат.

– Доколку има губење на сетилото за вкус и мирис, интензивна главоболка, кашлица, малаксаност, најверојатно се работи за инфекција со коронавирус – објаснува таа.

Постарите лица, како и оние кои имаат кардиоваскуларни заболувања, респираторни заболувања, системски заболувања, малигни заболувања, во случај на инфекција со коронавирус, треба веднаш да се пријават кај матичните доктори или во ковид- центрите, дури и ако имаат благи симптоми.

Сите овие препораки на докторката би можеле да го ублажат прекумерниот притисок врз амбулантите, да го намалат огромниот товар на здравствениот персонал, а исто така да придонесат за подобра, систематска почетна проценка на заразените лица, т.е. тријажа, а со тоа и поадекватен терапевтски пристап со подобро следење на динамиката на наодите.

За таа цел, според неа, потребна е и обука на населението преку медиумите за многу едноставни, но ефективни алатки за самооценување на еден пациент со симптоми. Така, заразените би знаеле доволно за сите ризици за потешка форма на болеста. Според Јовановиќ, овој пристап е широко користен кај пациенти со ковид-19 во неколку земји во Европа и во светот, и дополнително го нагласува спречувањето на преносот на инфекцијата, зачувувањето на инаку ограничените ресурси (вклучувајќи тестови и опрема) и намалувањето на товарот на веќе преоптоварен здравствен систем.