Си Џинпинг

Обраќање на претседателот на Народна Република Кина на самитот на АПЕК 2026

Почитувани гости, дами и господа, драги пријатели,

Дозволете ми да ви посакам срдечно добредојде на сите вас, претставници и лидери на деловните заедници од Азиско-Пацифичкиот Регион. Особено ми е драго што денес се среќаваме овде, во Шенжен. Шенжен, сместен на брегот на Јужно Кинеско Море, ги пречекува силните ветрови и бранови на океанот. Во изминатите над 40 години, Шенжен беше пионер во напорите на Кина за реформи и отворање кон светот. Градот оствари историска трансформација – од мал пограничен град во меѓународна метропола, создавајќи чудо во историјата на глобалниот развој. Успехот на Шенжен нуди многу вредни поуки од кои сите можеме да учиме.
Денес живееме во свет што се менува и е исполнет со неизвесности и турбуленции. Глобалниот економски раст го губи својот замав, а унилатерализмот и протекционизмот земаат сè поголем замав. Сепак, и покрај сите предизвици, глобалната трговија продолжува да расте, додека технолошките пробиви во новите технологии се случуваат со забрзано темпо, оставајќи длабок белег врз глобалниот развој. Што се случува во светот? Што треба да направиме во Азиско-Пацифичкиот Регион? Да ги отвораме или затвораме вратите, да соработуваме или да дејствуваме едни против други, да се приспособуваме на промените или да се држиме до старите практики? Ова се тешки прашања на нашето време на кои мораме да дадеме одговор.
Како што вели една древна кинеска поговорка, сите пристапи треба да се приспособуваат на променливите времиња за да останат актуелни. Создаден во услови на економска глобализација, АПЕК му овозможи на Азиско-Пацифичкиот Регион да го насочува развојот во согласност со духот на времето. Оваа година Кина по третпат е домаќин на АПЕК. Подготвени сме да соработуваме со сите страни, одлучно да продолжиме напред, заеднички да изградиме заедница на Азиско-Пацифичкиот Регион и да донесеме просперитет за сите во нашиот регион.
За да обезбедиме просперитет за сите во Азиско-Пацифичкиот Регион, треба да ги зачуваме мирот и стабилноста. Нема просперитет без безбедност, ниту безбедност без стабилност. Благодарение на стабилното опкружување во нашиот регион во изминатите децении, Азиско-Пацифичкиот Регион остваруваше континуиран економски напредок и стана еден од главните двигатели на глобалниот раст. Колку повеќе се усложнуваат надворешните околности толку е поважно да го зачуваме меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна и да промовираме мултиполарен свет заснован на еднаквост и уреденост, како и економска глобализација што е инклузивна и носи придобивки за сите. Уште поважно е разликите да ги надминуваме преку дијалог и консултации, а предизвиците да ги совладуваме преку солидарност и соработка. Тоа е патот кон зацврстување на темелите за траен мир и стабилност во Азиско-Пацифичкиот Регион.

За да обезбедиме просперитет за сите во Азиско-Пацифичкиот Регион, треба да градиме мостови на отвореност и соработка. Историјата нè учи дека отворањето на вратите носи напредок, додека нивното затворање значи заостанување. Треба решително да го штитиме мултилатералниот трговски систем заснован на правила, во чиј центар е Светската трговска организација (СТО), да ги поддржуваме слободната и отворена трговија и инвестиции и да обезбедиме стабилност и непречено функционирање на глобалните индустриски синџири и синџирите на снабдување. Треба постојано да работиме на воспоставување зона на слободна трговија во Азиско-Пацифичкиот Регион, да изградиме повеќедимензионална мрежа на поврзаност, да ја унапредиме соработката во области како што се дигиталната трансформација на трговијата, прекуграничната електронска трговија и паметните царински системи, како и да ја продлабочиме меѓународната соработка во индустриските синџири и синџирите на снабдување. Сето ова ќе го отвори патот кон поголема економска интеграција во Азиско-Пацифичкиот Регион.
За да обезбедиме просперитет за сите во Азиско-Пацифичкиот Регион, треба да ги зајакнеме иновациите како двигател на растот. Иновациите се од суштинско значење за напредокот. Членките на АПЕК имаат значаен придонес во глобалните научни и технолошки иновации: забележан е пораст на бројот на компании еднорози и големи модели на вештачка интелигенција, а многу иновации најдоа примена во стотици дејности и индустрии и стигнаа до милиони домаќинства. Треба да воспоставиме партнерства во областа на науката, технологијата и иновациите, да ја продлабочиме соработката во дигиталната економија и вештачката интелигенција и да ја промовираме зелената и нискојаглеродната транзиција. На тој начин нашите иновативни предности ќе ги претвориме во двигатели на растот и ќе обезбедиме силен поттик за економскиот развој на Азиско-Пацифичкиот Регион.
За да обезбедиме просперитет за сите во Азиско-Пацифичкиот Регион, треба да ги прошириме можностите за заемна корист и заеднички придобивки. Економиите во нашиот регион се разликуваат според својата историја, култура и степен на развој, па затоа примената на унифициран пристап нема да ја унапреди соработката. Треба да ги отстраниме трговските и инвестициските бариери за да изградиме отворена економија во Азиско-Пацифичкиот Регион. Истовремено, треба да промовираме избалансиран развој што носи придобивки за сите, со цел да обезбедиме и ефикасност и правичност. Треба да се раководиме од филозофијата на развој насочена кон човекот, да ја зајакнеме економската и техничката соработка во полза на економиите во развој и да ја продлабочиме соработката во областа на транспортот, јавното здравје, енергетиката, безбедноста на храната, борбата против корупцијата и други области, за придобивките од развојот да бидат споделени меѓу сите економии, општествени групи и заедници.
Азиско-Пацифичкиот Регион е дом на најзначајните заливски региони во светот, препознатливи по своите отворени и меѓусебно поврзани економии, кои создаваат позитивни ефекти и придобивки и надвор од нивните граници. Шенжен, каде што денес се одржува нашата средба, е дел од големата заливска област Гуангдонг – Хонгконг – Макао. Кина го поддржува формирањето светска асоцијација за економска соработка на заливските региони, со цел продлабочување на размената и меѓусебната поврзаност меѓу заливските региони од целиот свет. Ова ќе ни помогне да истражиме нови начини за зајакнување на економската соработка во Азиско-Пацифичкиот Регион.

Почитувани гости, драги пријатели,

Оваа година го означува почетокот на 15-от петгодишен план на Кина за економски и социјален развој. Кинеската економија го задржува силниот замав на висококвалитетен раст поттикнат од иновациите, демонстрирајќи голема отпорност и виталност. Во првите три квартали, кинеската економија забележа раст од 4,6 проценти. Новите производствени сили со висок квалитет се развиваат сè побрзо, новиот модел на развој се воспоставува со забрзано темпо, а зелената и нискојаглеродната транзиција постојано добиваат на интензитет. Петнаесеттиот петгодишен план започна успешно.
Како стратешка развојна рамка за Кина, 15-от петгодишен план воедно нуди многу можности за поттикнување на економскиот раст во Азиско-Пацифичкиот Регион и пошироко во светот. Всушност, тој претставува покана за соработка што Кина им ја упатува на деловните заедници од целиот свет.
Кина ќе им понуди на деловните заедници од целиот свет огромен отворен пазар. Кина е вториот најголем потрошувачки пазар во светот. Во неа се наоѓа најголемата популација со средни приходи во светот, а располага и со огромен инвестициски и потрошувачки потенцијал. Од новите енергетски возила до паметните домови, од сребрената економија до туризмот поврзан со мраз и снег – секоја нова област на раст создава нови можности за компаниите од целиот свет. Со забрзување на развојот на голем и отворен пазар и зголемување на увозот на квалитетни производи и услуги, Кина ќе овозможи ослободување на уште поголема разновидност на побарувачката. Неодамна во Шангај се одржа деветтото издание на Кинескиот меѓународен саем за увоз. Многумина од вас што сте присутни денес учествуваа на овој саем и открија нови можности за соработка. Кина ќе продолжи да ја организира и серијата настани „Извоз во Кина“, како и други слични иницијативи, со цел да отвори ефикасни канали преку кои квалитетните производи од целиот свет ќе можат да влезат на кинескиот пазар.
Кина ќе им понуди на деловните заедници од целиот свет перспективна средина за развој. Растот поттикнат од иновациите и зелената транзиција се клучните одредници за разбирање на кинеската економија. Од роботи во фабриките и земјоделството до автономно управување со возила и испорака со беспилотни летала – Кина претставува огромен полигон за тестирање иновации, каде што најсовремените технологии се тестираат, усовршуваат и надградуваат во реални услови, а потоа се претвораат во двигатели на висококвалитетниот раст. Кина ќе ги интензивира напорите за изградба на современ индустриски систем и ќе ја продлабочи интеграцијата меѓу технолошките и индустриските иновации. Ќе ги поддржи трансформацијата и модернизацијата на традиционалните индустрии, проширувањето на новите индустрии и стратешкото планирање на индустриите на иднината. Сето ова ќе создаде силен поттик за технолошки иновации и раст на компаниите од целиот свет.
Кина ќе им понуди на деловните заедници од целиот свет поволна средина за заемно надополнувачка соработка. Во 2001 година Кина за првпат беше домаќин на средбата на економските лидери на АПЕК, а истата година стана и членка на Светската трговска организација. Во изминатите 25 години, Кина целосно ги исполни обврските преземени со пристапувањето кон СТО. Истовремено со остварувањето на сопствениот развој, Кина ги споделуваше можностите со другите земји и работеше во насока на заеднички развој.

Кина се спротивставуваше на унилатерализмот и протекционизмот и остана доследна на вистинскиот мултилатерализам, на зачувувањето на мултилатералниот трговски систем и правилата на СТО, како и на унапредувањето на реформите во СТО. На тој начин, таа постојано придонесуваше за стабилност и предвидливост на глобалниот економски раст, меѓународната трговија и економската соработка.
Без оглед на тоа како ќе се развива меѓународната политичка и економска сцена, Кина нема да отстапи од својата определба за соработка заснована на заеднички придобивки со сите земји. Кина останува цврсто посветена на висококвалитетната соработка во рамките на иницијативата „Еден појас, еден пат“ и го поздравува активното учество на компаниите од целиот Азиско-Пацифички Регион, за заеднички да создаваме можности за раст и да ги споделуваме придобивките од развојот.
Кина не само што ќе ги намалува царините и ќе го проширува пристапот до пазарот туку ќе направи и чекор понатаму – ќе спроведе реформи во посложените области, како што се правилата, регулативите и стандардите, со цел целосно да обезбеди пристап до пазарот и поволни услови за работење во производствениот сектор, постепено да го проширува отворањето на услужниот сектор и да создаде уште постабилна и попредвидлива деловна средина од светска класа за компаниите од целиот свет што сакаат да инвестираат и да работат во Кина.

Почитувани гости, драги пријатели,

Азиско-Пацифичкиот Регион е нашиот заеднички дом; тоа е местото каде што заеднички ги остваруваме развојот и соработката. Деловните заедници во Азиско-Пацифичкиот Регион се предводници на глобалната економија. Се надевам дека ќе продолжите да го негувате претприемачкиот дух, храбро да се стремите кон иновации и извонредност, да истражувате и проширувате можности за деловна соработка и да давате уште поголем придонес за економската интеграција во Азиско-Пацифичкиот Регион.
Повеќе од добредојдени сте и во иднина активно да се вклучувате во реформите, отворањето кон светот и процесот на модернизација на Кина, како и да ги споделувате можностите што ги создава кинеската модернизација.
Да ги здружиме силите за да одговориме на развојните предизвици преку отворање, да создадеме нов замав за раст преку иновации и да оствариме просперитет за сите преку соработка. Да работиме заедно на изградбата на заедница на Азиско-Пацифичкиот Регион и на создавањето светла иднина за нашиот регион.

Ви благодарам.