Можно ли е на заблуда да се гради стратегија?!

Повод: Неколку става на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, искажани во јавноста

Изјавите дадени во национален електронски медиум не се само ставови. Тие се одговорност. Особено кога доаѓаат од лидер на политичка партија што јавно се изјаснува дека претендира „да се изгради национален консензус“! Токму затоа, релативизирањето прашања што директно задираат во идентитетот, уставниот поредок и државниот континуитет не може да помине како обична политичка реторика.
Имено, тврдењето дека „уставните измени не носат ризици“ и дека „внесувањето нови етнички заедници во Уставот е безопасно“… претставува опасно поедноставување на комплексна правна, политичка и историска реалност. Ова не е прашање на добра волја, туку прашање на принципи, на вистина и на последици.
Кога јавноста е уверувана од носител на највисока партиска позиција дека нема простор за загриженост, а притоа се игнорираат суштински правни и државотворни импликации, тогаш тоа веќе не е политички став туку дезинформација. И тоа дезинформација пласирана од позиција на влијание.
Имено, Уставот не е технички документ што може да се менува без последици. Тој е темел на државноста, израз на историски континуитет и гаранција за карактерот на државата и идентитетот и фундаментална арматура на пирамидата на правно-политичкиот систем. Секоја негова измена, особено кога се однесува на етничката и државотворната структура, има далекосежни импликации. Дополнително загрижува фактот што ваквите изјави доаѓаат по серија меѓународни договори за кои сме директни сведоци дека со нив се отворија сериозни дилеми за идентитетот, карактерот, суверенитетот и правниот субјективитет на државата. Наместо критичка рефлексија, наместо децидно оградување од таквите политички потези, се нуди продолжување на истата матрица, со уште поголема леснотија?! Да се тврди дека „ако има непринципиелни барања, ќе се повлечеме“ звучи како политичка импровизација, а не како државничка стратегија. Историјата веќе покажа дека еднаш направените отстапки тешко се враќаат назад. Особено е проблематично што се минимизираат стравувањата за повторно деноминирање на идентитетот, нарекувајќи ги „политичка пропаганда“(?!).

Тоа веќе не се само политики и став што беа казнети од страна на граѓаните на последните парламентарни, локални и претседателски избори туку тоа е и навреда за граѓаните на Македонија! Јавноста не е наивна. Таа памети. И токму затоа, ваквите изјави не поминуваат без реакција. Наместо транспарентност и аргументи, се нуди реторика што повеќе сака да прикрива отколку што објаснува.
А проблемот не е само во содржината на изјавите туку и во контекстот во кој се даваат. Национален медиум не смее да биде искористен како платформа за еднострани наративи што ја искривуваат реалноста. Кога се зборува за внесување на Бугарите во Уставот, суштинското прашање не е дали тоа е формално прифатливо, туку каков е неговиот карактер? Дали станува збор за малцинско признавање или за редефинирање на носителот на државноста, редефинирање на унитарниот карактер на државата и на државотворноста? Ајде малку да бидеме чесни и прецизни кон јавноста, но и кон можноста дадена за обраќање. Игнорирањето на оваа разлика е или незнаење или свесна манипулација. И во двата случаја тоа е недозволиво! Дополнително, повикувањето на „национален консензус“ како гаранција дека ништо штетно нема да се случи е празна флоскула ако тој консензус не е реално изграден. Консензус не се создава со медиумски настапи, туку со отворен, инклузивен и аргументиран настап со дебата. Нешто како дискусиите на нашата македонска делегација во ПССЕ (Совет на Европа во Стразбур) во врска со случајот „Бугарија-Менкиновски“, каде што во делегацијата е изграден цврст национален консензус што може да послужи како пример. Сè друго е симулација.
Во меѓувреме, таа партиска структура, чиј лидер ги искажа ставовите на телевизија, продолжува да предлага политики што многумина и однатре ги доживуваат како ерозија на нејзините темелни вредности. И тоа не е прашање на идеологија, туку на опстанок. Кога политичките елити ќе почнат да тргуваат со принципи, тогаш границата помеѓу прагматизам и предавство станува опасно тенка. Особено кога тие „повисоки цели“, како што го третираат членството во меѓународни организации (ЕУ, НАТО…), се користат како оправдување за отстапки што директно го засегнаа идентитетот. За истото тоа и тие веќе се свесни, бидејќи го чувствуваат тоа. Прашањето што останува е: До кога? Колку уште „безопасни“ измени се потребни за да се сфати дека процесот не бил и нема да биде без ризик?! И кој ќе ја преземе одговорноста кога тие ризици ќе станат реалност?
Затоа, таму е потребно ресетирање! Не само на политиките туку и на начинот на кој се комуницира со јавноста. Потребна е искреност. Потребна е одговорност. Потребна е храброст да се признае дека НЕ сите одлуки биле во интерес на државата и нацијата. И најважно, потребно е да се престане со потценување на интелигенцијата на граѓаните. Затоа што граѓаните не бараат многу. Граѓаните ја бараат само вистината. А вистината, колку и да е непријатна, е единствената основа врз која може да се гради иднина.