На армискиот полигон „Криволак“ продолжуваат тактичките активности во рамки на вежбата „БЛЕСОК 26“, при што единиците на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) работат со зголемен интензитет и реализираат сложени сценарија на терен.
Како што информираат од Армијата, вежбовните активности опфаќаат симулации на различни тактички ситуации кои бараат брза адаптација, координирана реакција и навремено донесување одлуки.
Во рамки на вежбата се реализираат сценарија за реакција при ненадејни закани и контакт со противник, АБХО набљудување и извидување, справување со нарушување на безбедноста на воени објекти и обиди за присилно влегување, како и укажување прва помош на повредени лица.
Целта на овие активности е унапредување на оперативната и борбената подготвеност на единиците, како и проверка на нивната способност за делување во динамични и комплексни услови.
Вежбата „БЛЕСОК 26“ се одржува како дел од редовните активности за обука на Армијата.










































