Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на панелот „Инженеринг на инфраструктурата за енергетска безбедност“ (Engineering the Infrastructure of Energy Security) во рамки на Делфи економскиот форум (Delphi Economic Forum), каде заедно со високи владини претставници и лидери од енергетскиот сектор се дискутираше за иднината на енергетската безбедност во регионот.

Во своето обраќање, министерката Божиновска нагласи дека земјата влегува во нова фаза на енергетско позиционирање.

– Денес, ние свесно се позиционираме како регионален енергетски јазол што ги поврзува пазарите, изворите и партнерите – изјави Божиновска.

Таа ја претстави стратегијата базирана на три клучни столба.

– Интерконекторот со Грција, како директен пристап до алтернативни извори на гас и LNG терминали;
– Соработката со Србија, која отвора северен коридор и овозможува двонасочен проток;
– Партнерството со САД преку LNG иницијативата, со што се зајакнува енергетската независност.

– Енергетската политика без инфраструктура останува само декларација. Со изградбата на овие коридори ја намалуваме ранливоста, создаваме поконкурентни цени и се позиционираме како транзитна земја што додава вредност – истакна министерката.

Божиновска потенцираше дека новата улога на земјата не е само транзитна, туку стабилизирачка за поширокиот регион.

– Не сакаме да бидеме периферен пазар – туку сигурен партнер во европската енергетска мрежа – нагласи таа.

Во однос на енергетската транзиција, министерката посочи дека пристапот на државата е прагматичен и насочен кон сигурност.

– Нема енергетска транзиција без сигурност – и нема сигурност без диверзификација. Географијата сама по себе не е предност ако не се претвори во политика. Нашата цел е да станеме фактор на стабилност на регионалниот пазар на електрична енергија – изјави Божиновска.

Со зајакнувањето на јужните и северните енергетски коридори, Македонија се позиционира како активен учесник во стабилизирањето на енергетските текови во регионот.

– Градиме енергетски систем кој е диверзифициран, поврзан и стратешки релевантен – со улога што ќе го дефинира нашето место во Европа во децениите што следат – порача министерката.