Фото: ЕПА

Уште еден показател за континуитетот на нарушените политички и деловни односи на релацијата Берлин-Москва по конфликтот во Украина

Русија е подготвена да го запре извозот на нафта од Казахстан во Германија преку нафтоводот „Дружба“ почнувајќи од 1 мај, објави „Ројтерс“ врз основа на информации од три свои доверливи извори. Изворите, кои разговараа со новинската агенција под услов да останат анонимни, изјавија дека е испратен приспособен распоред за извоз на нафта до Казахстан и Германија.
Запирањето на казахстанските текови би додало поголема неизвесност во снабдувањето со гориво на Германија, бидејќи војната во Иран ги прекинува испораките на енергија од Блискиот Исток само неколку години откако децениските енергетски врски на Берлин со Русија беа нарушени од војната во Украина.

Поправен нафтоводот „Дружба“ што беше оштетен во Украина, но енергетските тензии во Европа остануваат

Деновиве Украина соопшти дека успешно го санирала оштетениот дел од нафтоводот „Дружба“ на својата територија, со што се отвори патот за обновување на испораките на нафта кон делови од Централна Европа. Властите во Киев официјално соопштија дека техничките поправки се завршени и дека протокот постепено може да се нормализира. Да потсетиме, инцидентот се случи во контекст на продолжената војна меѓу Русија и Украина, при што оштетувањето се поврза со одредени цели и преземени воени дејства. Тој настан повторно ги отвори политичките разлики во рамките на Европската Унија околу енергетската стратегија и санкциите кон Москва. Прекинот на една од најважните енергетски артерии во регионот повторно ја стави во фокус зависноста на некои европски земји од руската нафта. Држави како Унгарија и Словачка, кои и натаму се потпираат на оваа рута, беа меѓу најгласните во повиците за итна интервенција и стабилизирање на снабдувањето. Со повторното ставање во функција на нафтоводот на украинска територија, тензиите имаат потенцијал привремено да се намалат, но стратешките дилеми остануваат нерешени. Сега Русија, како реакција од досегашното сопирање и оштетување на нафтоводот, калкулира со пуштањето нафта преку нафтоводот „Дружба“ и е подготвена да го запре протокот на нафта за Германија.

Целосното запирање на „Дружба“ би запрело околу 17 отсто од најмногу 12 милиони метрички тони нафта годишно што ги преработува германската рафинерија PCK

Извозот на нафта од Казахстан во Германија преку рускиот нафтовод „Дружба“ достигна вкупно 2,146 милиони метрички тони, или околу 43.000 барели дневно во 2025 година, што претставува зголемување од 44 отсто во однос на 2024 година и 730.000 тони во првиот квартал од годинава.
Целосното запирање би отстранило околу 17 отсто од најмногу 12 милиони метрички тони нафта годишно што ги преработува германската рафинерија PCK, една од најголемите во земјата. Тоа е гориво од кое се напојуваат девет од десет автомобили во регионот Берлин и Бранденбург.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека не е запознаен со потегот за запирање на извозот на нафта, одговарајќи им на новинарите дека „ќе се обидеме да го провериме тоа“. Министерството за енергетика на Казахстан и германската влада засега не одговориле на барањата за коментар од „Ројтерс“.
Политичките и деловните односи на Русија со Германија се нарушени од конфликтот во Украина. Испораките на руска нафта беа прекинати по почетокот на војната, а Берлин ги стави локалните единици на најголемиот руски производител на нафта „Роснефт“ под своја контрола во 2022 година.
Казахстан ја снабдува со нафта PCK преку северниот тек на „Дружба“, кој минува низ Полска, од 2023 година, но испораките постојано се прекинуваат поради украинските напади со беспилотни летала врз рускиот дел од гасоводот. Портпаролот на полскиот оператор на гасоводот ПЕРН изјави дека компанијата е подготвена да испорачува нафта за неруски акционери на PCK преку пристаништето Гдањск доколку биде побарано тоа. Е.Р.