СП 2026 ВО БРЗ ШАХ ЗА КАДЕТИ И ЗА МЛАДИНЦИ
Мајкл Бурнс најдобропласиран Македонец, 26-ти
Мајкл Бурнс (рејтинг 2.206, рангиран на 21-то место пред турнирот) е најуспешниот македонски претставник на Светското првенство (СП) во брз шах (пет минути плус три секунди по секој потег), во Врњачка Бања (Србија), во возрасните категории до осум, 10, 12, 14, 16 и 18 години (момчиња и девојчиња). Тој по 11 кола го освои 26. место со 4,5 поени, меѓу 33 шахисти во категоријата 18 години.
Џошуа Бенџамин Бурнс (1.765/25.), кој беше најуспешен од Македонците (23. место) на СП во забрзан шах (15 минути плус пет секунди), во категоријата до 10 години во брз шах е 45-ти, со пет поени меѓу 64 учесници. Во истата категорија Сергеј Станковиќ (66-ти) го освои 56. место со четири поени, а во категоријата до 12 години, меѓу 58 шахисти, Јован Вукашиновиќ (1.635/45.) е на 52-то место со 3,5 поени.
Кај шахистките, во категоријата до 14 години, Илијана Велева (1.584/23.) со 5,5 поени е 18-та меѓу 30 учеснички, освои и нови 60 рејтинг-поени, а со 2,5 поени Кајла Бурнс (1.506/27.) е на 28-то место. Во категоријата до 16 години Елисавета Бурнс (1.669/26.) е на 28-то место со два поена, меѓу 28 учеснички.
На СП 2026 во брз шах настапија вкупно 415 шахисти од 40 држави (ЖВМ, 17 ИМ, три ЖИМ, 30 ФМ, 18 ЖФМ). Најуспешна нација e Русија со 15 медали (седум злата, три сребра, пет бронзи), пред Казахстан со 10 (4-3-3). Г.И.
КОШАРКА
Осум легенди официјално примени во Куќата на славните на ФИБА
Осум кошаркарски легенди (седум играчи и еден тренер) беа примени во Куќата на славните на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) за време на завчерашната церемонија во Берлин (Германија), како членови на класата од 2026 година, информира ФИБА. Свеченоста се одржа заедно со влечењето на ждрепката за Светското првенство за кошаркарки. Во годинашната класа се вклучени Сју Берд (САД), Селин Думерк (Франција), Кларис Мачангуана (Мозамбик), Дирк Новицки (Германија), Лудвик Миента-Миколајевич (Полска), Исменија Паучард (Чиле), Хидајет Туркоглу (Турција) и Ванг Жижи (Кина), пишува ФИБА.
– Имав среќа да имам многу значајни моменти во мојата кариера, но овој се чувствува поинаку, бидејќи не станува збор за еден тим или една лига или еден град. Станува збор за играта на глобално ниво – изјави Берд.
Новицки се осврна на подлабокото влијание на спортот.
– Спортот има уникатен начин на обликување квалитети како интегритет и карактер. Кога ќе се осврнам на моето сопствено патување денес, сфаќам дека му должам на спортот многу повеќе од оваа чест вечерва. Не бев откриен преку спортот, преку спортот ги открив животот и светот – рече Новицки, пренесе ФИБА.
Генералниот секретар на ФИБА, Андреас Заглис, ги истакна суштината и глобалното значење на Куќата на славните на ФИБА.
– Со 208 члена, вклучувајќи ја и оваа класа, и 46 претставени нации, нивното глобално влијание ги носи вредностите на кошарката, вредностите на ФИБА, почит, фер игра, лидерство и извонредност – рече тој. Н.М.
КОШАРКА – НАГРАДИ ВО НБА-ЛИГАТА
Гилџес-Александер е најдобар сезонава во неизвесни завршници
- Тој е прв во НБА со 175 поени во клучните периоди и деветти со 21 асистенција во тие ситуации. За еден меч да се смета во оваа категорија, според дефиницијата на НБА, разликата во резултатот мора да биде до пет поени, а средбата мора да биде решена во последните пет минути или во продолжение
Шеј Гилџес-Александер, бекот на Оклахома, кој е актуелен најкорисен играч (МВП) и МВП на финалето на НБА, е добитник на наградата за кошаркар на годината за клучен момент сезонава, објави НБА-лигата. Тој е финалист за наградата МВП.
– Оваа награда ми значи многу. За да ја добиете оваа награда мора да му помогнете на вашиот тим да победува во доцните фази на натпреварите, а она што јас го сакам повеќе од сѐ е да победувам. Горд сум што можам да ја кренам оваа награда. Тоа значи дека сум ефикасен – рече Гилџес-Александер за „НБЦ спорт“.
Во конкуренција за оваа награда беа и Ентони Едвардс од Минесота и Џамал Мареј од Денвер. Гилџес-Александер е во трка за наградата уште од нејзиното воведување, откако беше седми во 2023 година, осми во 2024 година и трет лани. Тој е прв со 175 поени во клучните периоди и деветти со 21 асистенција во тие ситуации.
Де’Арон Фокс (тогаш во Сакраменто, сега во Сан Антонио) е првиот добитник на оваа награда, во 2023 година, по што следуваа Стеф Кари од Голден стејт во 2024 година и Џејлен Брансон од Њујорк лани. За еден меч да се смета во оваа категорија, според дефиницијата на НБА, критериумите се следни: разликата во резултатот мора да биде пет поени или помалку, а натпреварот мора да биде решен или во последните пет минути од четвртата четвртина или во продолжението, пишува НБА. Г.И.
































