Што забележа лупата на Советот на Европа на последните предвремени парламентарни избори во Бугарија
- Предвремените парламентарни избори во Бугарија им понудија на гласачите „празнини во законската рамка“, како и „амандман донесен во последен момент за бројот на гласачки места во странство“, што „ги поткопа стабилноста на изборниот закон и инклузивноста на процесот“, а изборите беа обележани со високо ниво на поларизација и негативна реторика, издвоија нашите соговорници во врска со првичниот став и соопштение од страна на меѓународните набљудувачи, од кои дел се членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа
Меѓународните набљудувачи на предвремените парламентарни избори во Бугарија во својата прелиминарна изјава, која беше објавена вчера, констатираа дека предвремените парламентарни избори во Бугарија на 19 април и покрај „празнините во законската рамка“, како и „амандманот донесен во последен момент за бројот на гласачки места во странство, што ги поткопа стабилноста на изборниот закон и инклузивноста на процесот“, беа обележани со зголемување на учеството на избирачи и „беа спроведени транспарентно и ефикасно“.
Во соопштението на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) се наведува дека „во услови на продолжена политичка нестабилност, властите презедоа мерки за заштита на изборниот интегритет, вклучувајќи ги и напорите за справување со постојаните обвинувања за купување гласови и заплашување“.
– Основните слободи генерално беа почитувани, но кампањата беше многу поларизирана и обележана со негативна реторика – велат набљудувачите.
Онлајн кампањата, која во голема мера е нерегулирана, одигра значајна улога во ангажирањето на гласачите, а воедно го олесни и ширењето на дезинформативни наративи, вклучувајќи и за владините активности. Клучните политички прашања, како што се енергетиката, надворешната политика, корупцијата, зголемувањето на трошоците за живот, владеењето на правото и инфраструктурата, доминираа во пораките на кампањата.
– Процесот што го набљудувавме им понуди на гласачите вистински избор, но во атмосфера на значителна политичка поларизација и реторика на кампањата што честопати беше негативна – рече Дуња Мијатовиќ, раководителка на мисијата за набљудување на изборите од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), инаку поранешна комесарка за човекови права на Советот на Европа.
„Фундаменталните слободи беа почитувани и процесот генерално беше добро администриран. Во исто време, сè уште треба да се работи, вклучувајќи го и решавањето прашања како што се наводното купување гласови, дезинформациите и ограничената транспарентност во многу аспекти од кампањата“, се наведува понатаму во заклучоците на набљудувачката мисија.
– По години политичка нестабилност и повторени враќања на гласачките места, бугарските граѓани ја отфрлија логиката и гласаа во голем број за да ѝ дадат на земјата шанса за стабилна влада. Одговорноста сега е на политичките лидери на Бугарија да ја почитуваат таа порака и да го претворат ова гласање во ефикасно и кредибилно управување – рече Крис Саид (Малта, ЕПП/ЦД), раководител на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПАЦЕ).
Изразена загриженост за недозволеното политичко и економско влијание,
широко распространетата самоцензура и ограниченото аналитичко известување
Правната рамка генерално обезбедува соодветна основа за демократски избори, иако голем број претходни препораки на ОДИХР и Венецијанската комисија на Советот на Европа остануваат нерешени, вклучувајќи ги и оние во врска со условот за престој за кандидатите, ефикасната истрага и санкционирање на изборните прекршувања, законските начини за оспорување на резултатите и мерките за зголемување на учеството на жените и малцинските групи.
Медиумскиот пејзаж е плуралистички, но сепак беше изразена загриженост за политичкото и економското влијание, широко распространетата самоцензура и ограниченото аналитичко известување, ограничувајќи го пристапот на гласачите до непристрасни и сеопфатни информации. Иако постојат законски гаранции за слобода на изразување и пристап до информации, кривичната клевета и неспроведените заштитни мерки според Европскиот закон за слобода на медиумите остануваат загриженост за уредничката независност. Мониторингот на медиумите на ОДИХР покажа дека, и покрај формалното почитување на правилата за емитување, намалениот обем на уредувачко и критичко известување од страна на приватните медиуми ја ослабна способноста на гласачите да донесуваат информирани одлуки.
Иако власите воспоставија механизми за справување со дезинформациите, ризиците од сајбер-закани и странско мешање, празнините во спроведувањето на Законот за дигитални услуги на ЕУ и доцнењата во координацијата меѓу надзорните тела негативно влијаеја на нивната ефикасност.
Жените недоволно застапени во јавниот и политичкиот живот
Изборната администрација ги исполни законските рокови и ефикасно ги водеше подготовките на сите нивоа, иако доцните оставки на комисиите од пониско ниво го оптоварија процесот. Денот на изборите генерално беше мирен и уреден. Иако огромното мнозинство гласачки места работеа непречено, беа забележани некои процедурални недостатоци, вклучувајќи изолирани случаи на ракување со гласачките ливчиња и неможност за обезбедување тајност на гласањето или следење соодветни процедури за верификација на гласачите.
Жените остануваат недоволно застапени во јавниот и политичкиот живот, а малку партии промовираа жени кандидати или се осврнаа на политичкото учество на жените во нивните кампањи. Сепак, имаше неколку случаи на напади врз основа на полот и кампањи за клевета, вклучувајќи ја и употребата на содржина генерирана од вештачка интелигенција за клевета на жена новинар. Позитивно е тоа што жените се појавија како истакнати говорници во повеќе од половина од набљудуваните настани од кампањата.
Правната рамка што го регулира финансирањето на партиите и кампањите продолжува да ги остава неимплементирани претходните препораки на ОДИХР, вклучувајќи ги и оние за недостиг од предизборно известување и ограничен надзор од страна на Националната канцеларија за ревизија. Законодавството не го регулира водењето кампањи од трети страни, а онлајн политичкото рекламирање не подлежи на сеопфатно објавување, создавајќи потенцијални дупки во законот за нерегулирано трошење. Во некои случаи водењето кампања од страна на јавните службеници во текот на работното време ја замаглуваше границата помеѓу државата и партијата.
Решението на изборните спорови е предвидено преку изборните комисии и административните судови, со забрзани процедури за поднесување и одлучување по некои жалби. Празнините во законската рамка вклучуваат рестриктивно право на глас, неможност директно да се оспорат протоколите за изборните резултати, долги процеси на санкционирање и спроведување, ограничен пристап до ефективна правна заштита и поткопување на правичната постапка.
Европската слободна алијанса (ЕФА) со остри критики за изборите во Бугарија
Партијата ОМО Илинден Пирин соочена со постојани опструкции и одмазди од државата
- Европската слободна алијанса (ЕФА) издвои дека македонското малцинство во Бугарија (исто така граѓани на ЕУ) се соочи, а и се соочувало, со „надзор, вознемирување и дискриминација“. Тие потсетија дека за време на посетата во 2024 година, дури и делегација на ЕФА пријави дека била следена и заплашувана од полицијата
Европската слободна алијанса (ЕФА) изрази сериозна загриженост за состојбата на демократските права во рамките на Бугарија, земја членка на ЕУ. И покрај тоа што е дел од Европската Унија, Бугарија продолжува да го ограничува целосното остварување на демократското претставување. Партијата ОМО Илинден Пирин, членка на ЕФА, се соочува со постојани одмазди од државата, отворајќи фундаментални прашања за политичкиот плурализам и правата на малцинствата.
Да не заборавиме, потсетува ЕФА, македонското малцинство во Бугарија, исто така и граѓаните на ЕУ, се соочува со надзор, вознемирување и дискриминација. За време на посетата во 2024 година, дури и делегација на ЕФА пријави дека била следена и заплашувана од полицијата.
Неодамнешниот извештај на ОН за човекови права нагласува дека Бугарија продолжува да го негира самото постоење на македонското малцинство, кршејќи ги европските стандарди за човекови права. Без признавање, не може да има права, нема заштита. Демократијата во Европа мора да значи претставување за сите, се наведува во соопштението а ЕФА.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































