Фото: МВР/илустрација

Дваесет и двегодишен жител на Тетово е приведен откако под дејство на алкохол се обидел да изврши разбојништво во угостителски објект во градот, информираа од СВР Тетово.

Инцидентот се случил денеска околу 15.30 часот во угостителски објект на улицата „Илинденска“, каде што осомничениот Х.Д. (22) влегол и со закана со пиштол побарал пари од вработениот А.И. (38).

Според пријавата, вработениот одбил да му ги даде парите и му наредил да го напушти објектот, по што дошло до физичка пресметка меѓу двајцата. Во текот на инцидентот, осомничениот го удрил вработениот во пределот на главата со кундакот од пиштолот.

По нападот, Х.Д. побегнал од местото на настанот, но полициските службеници брзо го лоцирале и го лишиле од слобода.

При прегледот кај него бил пронајден и одземен гасен пиштол, а алкотестирањето покажало дека бил под дејство на алкохол, со измерени 1,35 промили алкохол во крвта.

Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.