КУС ОСВРТ КОН КОНЦЕПТОТ НАРЕЧЕН „ГЕОГРАФИЈА НА ЕКОНОМСКО И ПОЛИТИЧКО НЕЗАДОВОЛСТВО“ ШТО СЕ ШИРИ НИЗ ЕУ

  • Концептот „географија на незадоволство“ е дефиниран како израз на фрустрација на жителите од одредени европски региони кога чувствуваат дека ЕУ-системот едноставно „ги отфрла“, правејќи ги „економски заборавени и неважни“. Најизразени примери на оваа „географија на незадоволство“ се наоѓаат во делови на Франција, Италија и Грција, каде што економската стагнација трае со децении. Феноменот „географија на незадоволство“ полека но сигурно се шири низ цела ЕУ,
    зафаќајќи и цели земји членки. Според европски експерти, универзитетски професори и истражувачи, најновиот и силен пример на „географијата на политичко и економско незадоволство“ е токму Бугарија, искажан преку серијата предвремени парламентарни избори…

Појавата што експертите ја означуваат како „географија на економско и политичко незадоволството“ во изминатите години ја зафаќа целата Европска Унија, предизвикана од растечкиот јаз во економскиот развој на повеќе региони во речиси сите 27 земји членки на ЕУ. Воедно, економското и политичкото незадоволство на одредени ЕУ-региони е директна последица и од политиките на „европската влада“ (Европската комисија – ЕК).
Експертите, предводени од влијателни личности, како професорот по економска географија Андрес Родригез-Позе од Лондонската школа за економија, го дефинираат концептот „географија на незадоволство“ како израз на фрустрација кога системот ги „отфрла“ жителите на одредени региони, па и земји членки, кои се чувствуваат како да се од втор ешалон, економски „заборавени“ или „неважни“.

Клучните елементи по кои се препознава феноменот „географија на незадоволство“

Споменатиот феномен се идентификува преку следните два клучни елементи:

(1) Регионална замка за развојот (development trap). Имено, тоа е еден вид стапица во која се влезени регионите/земјите членки што имаат намалена економска динамика во однос на приходите, продуктивноста и вработеноста и кои сѐ повеќе заостануваат зад просекот на ЕУ;
(2) „Одмазда од местата/регионите/државите што се доживуваат како ЕУ-неважни“ Долготрајната економска и индустриска деградација доведува до чувство кај населението во конкретните региони дека се запоставени од „далечните елити“ и во сопствената држава и од страна на елитите во Брисел. Жителите во ваквите „развојно заборавени региони“ го користат гласачкото ливче на изборите за да го казнат постојниот поредок. Колку е подлабоко економското заостанување и колку подолго конкретниот европски регион е „заглавен“ во стагнација, толку е посилен отпорот кон европската интеграција, односно кон натамошното проширување на ЕУ со нови членки!
Најизразени примери за феноменот „географија на незадоволство“ се наоѓаат во делови на Франција, Италија и Грција, каде што економската стагнација трае со децении. Интересно е што феноменот „географија на незадоволство“ полека но сигурно се шири низ целата ЕУ, зафаќајќи и цели земји членки. Според европски експерти, универзитетски професори и истражувачи, најновиот и силен пример на „географијата на политичко и економско незадоволство“ е токму Бугарија, што се искажува и препознава преку серијата предвремени парламентарни избори…

Како Бугарија го искажува своето „економско и политичко незадоволство“ од тоа како е третирана од Брисел

Во контекст на анализирањето на „бугарската географија на економско и политичко незадоволство“ потсетуваме дека токму Радев, како еден од протагонистите на овој концепт во Бугарија, беше и еден од клучните политички гласови, кој повикуваше на претпазливост во врска со временската рамка за влез на Бугарија во еврозоната, честопати претставувајќи го тоа како прагматично прашање од јавен интерес, а не како чисто техничко прашање. Радев изрази скептицизам во врска со усвојувањето на еврото во периоди на политичка нестабилност во неговата земја. Тој поттикнуваше големи сомнежи за брзината на пристапувањето на Бугарија во еврозоната во 2025 и 2026 година, честопати формулирајќи го својот став околу потребата од јавна согласност, иако генерално не се опишува себеси како политичар настроен против еврото. Дури во 2025 година Радев повика на одржување национален референдум за времето на промена на валутата, со барање бугарските граѓани да гласаат дали да се приклучат во 2026 година во еврозоната, наведувајќи ја потребата од „национален консензус“, а не од „отфрлачко непочитување на нивната волја“.
Тогаш тој јавно ги искажа својата загриженост и економски стравови дека потегот може да влијае на заштедите на граѓаните и оти Бугарија треба да влезе во еврозоната само ако навистина со тоа се штитат економските интереси на населението. Радев тврдеше дека усвојувањето на единствената валута бара темелна подготовка, изразувајќи загриженост за инфлацијата, недостигот од јасна стратегија за заштита на куповната моќ и можните економски опасности за Бугарија ако потегот е „брз и неподготвен“.
– Воведувањето на единствената европска валута може и мора да се случи само со силен национален консензус… не преку отфрлање на нивната волја – кажа тој.
Може да се претпостави со значителна веројатност дека Румен Радев и како нов бугарски премиер ќе продолжи да манифестира „дисонантни тонови“ наспрема Брисел и во врска со други аспекти на европската политика кон Бугарија, не само во врска со еврото.
Бугарија често се нарекува „мафијашка држава“ или „заробена држава“ од страна на меѓународни аналитичари, новинари и дел од нејзиното население. Иако е членка на ЕУ, земјата се соочува со сериозни обвинувања за длабока поврзаност помеѓу политичката елита, правосудниот систем и организираниот криминал. Реномирани медиуми како бриселски „Политико“ и организации како Фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“ веќе со години ја означуваат Бугарија како „мафијашка држава во ЕУ“. Може слободно да се заклучи зошто токму Бугарија е силен пример на концептот на „географијата на политичко и економско незадоволство“ и кога регионалните нееднаквости и чувството на „економско-развојна заборавеност“ во периферните области поттикнуваат и длабока политичка нестабилност.
Според податоците на „Евростат“, Бугарија сè уште ја има најниската минимална плата во Европската Унија (околу 620 евра бруто). Таа и натаму е најсиромашната земја членка на ЕУ според бруто-домашен приход по жител (околу 64 отсто од просекот на ЕУ во 2023 година). Бугарија официјално ѝ се приклучи на еврозоната на 1 јануари 2026 година, што се очекува да го подобри економскиот рејтинг и да привлече повеќе странски инвестиции. Но тоа предизвика многу голем страв кај цели слоеви на бугарското население од дополнително осиромашување, а токму сега веќе идниот бугарски премиер Радев беше еден од главните протагонисти на широкото спротивставување за влез во еврозоната, што го става Радев во групата на највисокопозиционирани државници актери на „географијата на економско и политичко незадоволството“ во целата ЕУ! Не е случајно што уште веднаш тој порача дека негов главен мотив во дејствувањето како иден бугарски премиер ќе биде „заштитата на бугарскиот национален интерес“. Па, не е случајно што кај претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и другите од „далечните елити во Брисел“ Радев буди асоцијации и страв дека е наследник на Унгарецот Виктор Орбан.


Драстичните регионални диспаритети во Бугарија беа причина за феноменот „географија на незадоволство“ да се подигне на ниво на цела држава

Граѓаните на Бугарија почувствуваа дека Софија се користи како „маша на Брисел“

Во последните неколку години Бугарија беше погодена од масовни протести, на кои граѓаните бараа оставки од власта и обвинителството поради „заробеноста“ на институциите од страна на олигархиски кругови. Политичкото незадоволство и нестабилноста беа дел од главните причини што доведоа до најновите парламентарни избори. Незадоволството веќе не е ограничено само на Софија, туку масовните протести во 2025 година се проширија и во малите градови, што укажува на географско ширење на револтот и длабоката недоверба во бугарската политичка елита. Постои перцепција за „мафијашки“ олигархиски структури, кои го контролираат политичкиот живот, што дополнително го поткопува легитимитетот на институциите кај граѓаните во посиромашните региони.
Во Бугарија се случуваат драстични регионални диспаритети. Главниот град Софија доминира и економскиот раст е силно концентриран во овој регион, што создава огромен јаз во животниот стандард во споредба со остатокот од земјата. Се бележи сериозно заостанување на серија периферни региони во Бугарија: региони како Североисточниот се идентификувани како области со ниски приходи (под 50 отсто од просекот на ЕУ), каде што има ниска продуктивност на трудот и висока стапка на невработеност кај младите. Малите градови и села пропаѓаат и се соочуваат со губење на населението, со недостиг од здравствена заштита, образование и квалитетни социјални услуги.
Во својата научна студија „Регионална политика на Бугарија: анализирање на промените на парадигмата и динамиката на територијалните нееднаквости“, д-р Христо Доков, професор по регионална и политичка географија од државниот Универзитет во Софија, аргументира дека „Бугарија покажува најизразени внатрешни нееднаквости во приходите во Европа, при што оние на регионално и локално ниво се првенствено одговорни за нееднаквите услови за живот“.
– Ниту кохезиската политика на ЕУ (финансирањето преку „кохезиските фондови“ – н.з) ниту европеизираната национална регионална политика не постигнаа голем успех во намалувањето на развојните јазови во Бугарија. Острите просторни контрасти и неефикасноста на политичките мерки за нивно решавање можат да ја попречат главната цел за постигнување територијална правда и да го загрозат одржливиот развој на земјата. Се разоткрива ранливоста на неразвиените региони и нивниот капацитет да обезбедат долгорочен просперитет за граѓаните на Бугарија – предупредува професорот Доков.


Потсетување до Брисел и на други заборавени региони во ЕУ

Егејска и Пиринска Македонија во европската „географија на незадоволството“

Ако „географијата на економско и политичко незадоволство“ денес е една од клучните пукнатини во рамките на ЕУ, тогаш нејзините најтивки, но најдлабоки форми се наоѓаат токму на периферијата, во региони што ретко влегуваат во фокусот на европските политики. Такви се Егејска Македонија во Грција и Пиринска Македонија во Бугарија. Овие региони не се само географска периферија, тие се и политичка и економска маргина. Додека Брисел зборува за кохезија, а националните влади за развој, реалноста на теренот покажува поинаква слика: празни села, старо население, ограничени можности и чувство дека времето таму одамна застанало. Во северна Грција делови од Егејска Македонија со децении се соочуваат со деиндустријализација и иселување. Инвестициите, иако формално постојат, најчесто завршуваат во поголемите урбани центри, додека помалите општини остануваат надвор од развојните текови. За локалното население, „европската солидарност“ често е апстрактен поим, далечен колку и самите институции во Брисел. Слично, во пиринскиот дел на Бугарија економскиот живот е концентриран во неколку точки, додека широки рурални подрачја се соочуваат со демографски колапс. Ова е класичен пример на „развојна стапица“: регион што не може да генерира доволно економска динамика за да излезе од сопствената стагнација.

Брисел да не го игнорира фактот дека економската маргинализација
и чувството на културна невидливост често се преклопуваат

Но она што ја прави оваа состојба уште почувствителна е фактот што во овие региони живеат заедници што се идентификуваат како македонско малцинство. Без разлика на различните официјални позиции на Грција и Бугарија околу ова прашање, не може да се игнорира дека економската маргинализација и чувството на културна невидливост често се преклопуваат. Токму таа комбинација создава подлабоко чувство на оттурнатост – не само од економските текови туку и од политичките и општествените процеси.
Проблемот не е само во недостигот од инвестиции туку и во нивната селективност и ограничен ефект. Кохезиските фондови на ЕУ, наместо да ги трансформираат овие региони, често не успеваат да допрат до најранливите заедници или се апсорбираат во проекти со краткорочен ефект. Така, наместо вистинска конвергенција, се создава привид на развој. Во вакви услови, незадоволството не секогаш се изразува гласно, како протести или политички потреси. Понекогаш тоа се манифестира тивко: преку иселување, апатија, претопување или губење на довербата во институциите. Но токму таа „тивка географија на незадоволство“ е најопасна, затоа што тешко се забележува, а уште потешко се адресира. Ако Европската Унија навистина сака да го зачува својот кредибилитет, ќе мора да погледне подалеку од статистиките и просеците и да се соочи со реалноста на своите периферии. Зашто токму таму, во заборавените региони како Егејска и Пиринска Македонија, се мери вистинската сила или слабост на европскиот проект! П.Р.

Свето Тоевски