Фото: МИА

Актуелното раководство на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) открило низа неправилности во работењето на институцијата, меѓу кои исчезнат интернет-кабел долг 15 километри, вреден околу 15.000 евра, како и недостиг на документација за набавена информатичка опрема.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, изјави дека во институцијата не била спроведена ревизија од 2017 година, а при внатрешните проверки биле констатирани повеќе спорни набавки и договори.

Според неа, набавени биле компјутери, лаптопи и мобилни телефони „ајфон“, но за дел од опремата постојат само барања за набавка, без реверси или трага каде завршила.

Меѓу утврдените недоследности се и договори за телекомуникациски услуги со значително повисоки износи од првично предвидените. Така, бил склучен договор за мобилни услуги во вредност од 1,6 милиони денари, иако биле планирани 800.000 денари, додека за фиксна телефонија бил потпишан договор од 1,1 милион денари наместо предвидените 550.000 денари.

Андоновска најави дека утре ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат презентирани дополнителни детали за утврдените неправилности во работењето на Институтот за јавно здравје.

– Утврдивме и дека за прослава на 100-годишнината на ИЈЗ за еден час биле потрошени 50.000 евра. Па за што за еден час може да се потрошат 50.000 евра? Понатаму, ако законот дозволува за 1.000 евра или за 62.000 денари да набавиш некакви, одредени средства што ти се потребни без распишување јавна набавка, тие над милион и нешто имаат потрошено надвор од дозволеното. Замислете, 1.000 евра дозволени, а потрошиле над 20.000 евра. По 500.000 денари се давало за репрезентација, споредено со сега кога имаме нула репрезентација, некористење службено возило, немање службени патувања. Јас не користам мобилен телефон службен, не користам службен број. Постои евиденција – доколку се добие одреден апарат, на кого се издава апаратот, се задолжува. Постојат реверси и слично. Исплаќани се и одредени додатоци на плата незаконски, билдани, награди, активни, пасивни приправности – се спротивно на закон. Месечно по 5 милиони денари се штедат сега на тоа кога се изрегулирани коефициентите, кога не се исплаќа незаконски во однос со исплатите. Во однос на мрежниот кабел од 15.000 евра, ниту знаеме каде е, ни што е, ни зошто е – истакна Андоновска.

Таа потенцира дека на барање на ИЈЗ е извршена ревизијата, чиј извештај со неповолно мислење беше објавен во јавноста.

– Во однос со извештајот на Државниот завод за ревизија, би сакала да спомнам неколку работи. Најпрво, при моето доаѓање во Институтот за јавно здравје, уште од самиот почеток утврдив многу неправилности. Веднаш беше информирана јавноста, информирани беа и надлежните институции. Дури испративме писмо и сами побаравме да дојде Државниот завод за ревизија да ги утврди оние неправилности со кои ние се соочуваме. Ден за ден наоѓавме нови и нови неправилности. Немаше крај на неправилностите. Практично, не најдовме една работа што била правена законски или по некаков пропис. Очекував на самиот почеток дека барем Јавното обвинителство, по допрен глас, ќе покрене некаква постапка – рече директорката.

Таа напомена дека Извештајот на ДЗР се однесува за периодот пред нејзиното доаѓање на местото директор на ИЈЗ.

– Се работи за 2024 година. Но, сакам да напоменам и дека ревизија немало во Институтот од 2017 година. Можеби и затоа се настанати толку многу проблеми и неправилности во функционирањето. Голем дел од овие неправилности, освен што беа комуницирани со јавноста, беа предадени и до Секторот за криминалистика и организиран сериозен криминал — Единица за корупција, која, претпоставувам, поради обемноста на материјалите – повеќе од дваесетина класери,  сè уште не е дојдено до некаков резултат или исход на целата таа ситуација. И како што спомнав, неправилностите се премногу. Нема нешто да издвоиме, да речеме: „е, ова го правеле како што треба“. Најдовме празна сметка на Институтот. Имаше испразнета сметка, која сега, од 0 денари тогаш, ние ја направивме во моментов да изнесува 150 милиони. Исто така, ги вративме долговите од над 50 милиони. Наследивме нула денари на сметка, а сега имаме вратени долгови и 150 милиони денари. Се поставува прашањето, каде се овие пари кои се практично пари на народот? Влегувале во овој Институт и требало бидат употребени правилно, за нови услуги, нова опрема, нова дијагностика, за услуги што треба да ги добијат граѓаните. Каде завршувале овие средства? – иатакна Андоновска.

Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста на финансиските трансакции на Институтот за јавно здравје за 2024 година, откривајќи неправилности во евиденцијата, побарувањата и спроведувањето на програмите за јавно здравје.