Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска во Братислава оствари тет-а-тет средба со претседателот на Националниот совет на Словачка, Рихард Раши, на која беше потврдена заедничката заложба за продлабочување на парламентарната соработка меѓу двете држави.
На средбата беше истакнато значењето на парламентарната дипломатија како важен инструмент за размена на искуства, јакнење на довербата и унапредување на демократските институции.
Осврнувајќи се на своето пратеничко искуство, Силјановска-Давкова ја нагласи улогата на парламентите како „школи на демократијата“, кои обезбедуваат институционален континуитет, отчетност и директна поврзаност со граѓаните.
Претседателката ја поздрави и историската улога на словачкиот Парламентарен институт, кој заедно со чешките партнери дал значаен придонес во формирањето и развојот на Парламентарниот институт во рамки на македонското Собрание.
Од своја страна, Раши ја повтори словачката поддршка за македонските евроинтеграции, нагласувајќи дека процесот на проширување на Европската Унија треба да остане заснован на заслуги и еднакви критериуми за сите земји кандидати.
Силјановска-Давкова истакна дека државата е технички подготвена за отворање на пристапните преговори и изрази очекување процесот да биде кредибилен, предвидлив и ослободен од билатерални условувања.
Соговорниците оценија дека односите меѓу Македонија и Словачка се развиваат во позитивна насока, без отворени прашања и со сè поинтензивна соработка во повеќе области од заемен интерес.


































