Владата го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи, со што се отвора патот за негово разгледување и усвојување во Собранието.
Од Министерството за здравство информираат дека станува збор за значаен чекор кон унапредување на јавното здравје и создавање поздрав и побезбеден јавен простор. Законот е подготвен по обемни консултации со претставници на тутунската индустрија, угостителскиот сектор, институциите, инспекциските служби, експертската јавност и со поддршка од Светската здравствена организација.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува законското решение во најкус можен рок да биде усвоено и во Собранието. Според него, најголемиот дел од одредбите ќе стапат во сила веднаш по донесувањето на законот, додека угостителските објекти ќе добијат преоден рок од 12 месеци за да ги усогласат и адаптираат своите простори.
Мицкоски посочи дека текстот претставува компромисно решение изработено низ инклузивен процес, во кој биле вклучени сите засегнати страни – производители, дистрибутери, угостители, хотелиери и претставници на бизнис-заедницата.
Претставниците на угостителскиот сектор изразиле задоволство од партнерскиот пристап при подготовката на законот и ја поздравиле одлуката за едногодишен период за прилагодување на терасите и другите делови од објектите.
Новото законско решение предвидува прецизни критериуми за уредување на просторите каде ќе биде дозволено пушење, со што се затвораат досегашните нејаснотии и можности за различни толкувања. Истовремено, се најавуваат засилени инспекциски контроли и строги санкции за непочитување на правилата.
Премиерот и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека очекуваат доследна примена на законот и нагласија дека нема да има исклучоци или привилегирани субјекти при неговото спроведување.



































