Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, попладнево пристигна во Скопје во рамки на регионалната турнеја низ Западен Балкан, при што ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски.
На скопскиот аеродром Кошта беше пречекан од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој оцени дека посетата претставува важна можност за разговори за европската перспектива на државата, реформската агенда и следните чекори во евроинтегративниот процес.
По пристигнувањето, Кошта замина во Владата каде што е предвидена тет-а-тет средба со Мицкоски, по што ќе следува и состанок на двете делегации. По разговорите, двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција.
Посетата е дел од пошироката балканска турнеја на претседателот на Европскиот совет, која започна во Сараево, а продолжи во Тирана. По Скопје, Кошта ќе ги посети Приштина и Белград, а турнејата ќе ја заврши во Црна Гора.
Главна цел на посетите е размена на ставови за процесот на проширување на Европската Унија, постепената интеграција на регионот, како и за прашањата поврзани со безбедноста, стабилноста и регионалната соработка.
– Посветеноста на Европската Унија кон Западен Балкан е реална, исто како и можноста за проширување. Импулсот постои, а сега е време за конкретни резултати – порача Кошта во пресрет на посетата.
На 5 јуни тој ќе биде копретседавач на Самит ЕУ – Западен Балкан во Тиват, каде главна тема ќе биде заедничкиот просперитет и стабилноста на Европската Унија и земјите од Западен Балкан.



































