Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во рамки на официјалната посета на Словачка, во Братислава оствари средба со потпретседателот на словачката Влада и министер за одбрана, Роберт Калињак.
На средбата, Калињак ја потврди силната поддршка на Словачка за европската интеграција на Македонија, оценувајќи дека земјата неоправдано долго време се наоѓа во чекалната на Европската Унија. Според него, процесот на проширување треба да се темели исклучиво на исполнувањето на Копенхашките критериуми.
Словачкиот вицепремиер го споделил и своето позитивно искуство од соработката со македонските институции, притоа изразувајќи подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка, особено во областа на одбраната.
Претседателката Силјановска-Давкова се заблагодари за принципиелниот став на Словачка во однос на проширувањето на ЕУ и повторно укажа на, како што рече, ирационалноста на условувањата од идентитетски карактер што го оптоваруваат македонскиот евроинтегративен процес.
Двајцата соговорници се согласија дека билатералните прашања не треба да бидат дел од преговорите за членство во Европската Унија.
Во пресрет на претстојниот Самит на НАТО, тие разговараа и за актуелната безбедносна состојба во Европа, оценувајќи дека зајакнувањето на партнерството во рамки на Алијансата останува клучно за регионалната стабилност и европската безбедност.


































