Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека проширувањето на Европската Унија останува заедничка цел и дека иднината на Македонија е во европското семејство.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Кошта ги поздрави напорите на Владата во спроведувањето на реформите, особено напредокот во владеењето на правото и реформата на јавната администрација.
– Вашата Влада покажа посветеност. Го поздравувам напредокот во реформската агенда и целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Тоа испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Северна Македонија и за вредностите што ги споделуваме – изјави Кошта.
Сепак, тој нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално отворање на пристапните преговори со ЕУ.
– Тоа е единствениот пат за отклучување на целосните придобивки од членството за граѓаните на Северна Македонија. Напредокот кон европската интеграција бара конструктивен дијалог со соседите и чекори за градење доверба – истакна Кошта.
Премиерот Мицкоски повтори дека земјава останува цврсто определена кон европскиот пат, но побара процес кој ќе биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги.
– Не бараме привилегии, ниту олеснети правила. Бараме принципи и процес во кој реформите, трудот и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани – рече Мицкоски.
Тој посочи дека Владата продолжува со реформите, економската стабилизација, привлекувањето инвестиции и подобрувањето на јавните услуги, но предупреди дека кај граѓаните постои чувство на неизвесност по долгогодишните компромиси и одложувања на евроинтегративниот процес.
На средбата биле разгледани и прашања поврзани со економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите и можностите за младите генерации.
Посетата на Кошта е дел од неговата регионална турнеја низ Западен Балкан во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 5 јуни во Тиват.


































