Фото: Пиксабеј

Европа поминува низ најраниот и најинтензивен топлински бран во модерната снимена историја. Масата топол воздух што се прошири од областа на Северна Африка под висок притисок кон север донесе во втората половина на мај температури што на некои места се до 15 Целзиусови степени над сезонскиот просек. Систем со висок притисок што метеоролозите го нарекуваат „топлинска купола“ стои неподвижен над Западна Европа и го блокира доаѓањето на постудените атлантски маси, одржувајќи сув и топол воздух на истото место со денови.
– Небото е отворено, нема облаци. Тоа е стабилна маса воздух што носи топол воздух надолу кон површината и носи влажен воздух, така што воздухот не е само топол, туку и екстремно сув – објасни Мери Бурк, професорка по географија на колеџот „Тринити“ во Даблин.
Велика Британија го забележа својот најтоплиот мајски ден во понеделникот откако се водат национални записи. Термометарот во лондонските градини Кју покажа 34,8°C, со што беше срушен рекордот од 32,8°C, кој стоеше од 1922 година. Истиот ден Франција го забележа најтоплиот мајски ден во целата историја на мерењето, со температури помеѓу 33 и 36°C низ целата земја, додека во Ирска рекордот се искачи на 28,8 степени. Во Португалија беше 40°C, а во Шпанија се очекува врв од 38°C до крајот на неделата. Италија воведе забрани за работа на отворено во најжешкиот дел од денот, помеѓу 12:30 и 16 часот, мерки што во претходните години не беа воведени пред јуни. Во Германија и дел од Балканот, температурите надминаа 30 степени, а Белгија се подготвува за рекорди до викендот. Топлинскиот бран веќе го зема својот данок. Во Париз во неделата еден човек почина за време на трка од 10 километри, а десет тркачи беа хоспитализирани во критична состојба. Плажите во југозападна Франција се наполнија порано од вообичаено, а земјоделците пријавија забрзана жетва. Францускиот премиер Себастијан Лекорну свика кризен состанок со клучните министри за четврток за да ги координираат владините мерки.

Но она што особено ги загрижува метеоролозите и климатолозите не е самиот топлински бран, туку поширокиот контекст. Европа е континентот што се затоплува најбрзо. И додека Земјата станала потопла за просек од 1,4°C од прединдустриската ера, Европа е потопла за 2,4°C, според податоците од климатската служба на ЕУ, „Коперник“. Стапката на затоплување не е еднаква низ целиот континент: Источна и Југоисточна Европа и Алпите се затоплуваат за 0,5 до 1°C по деценија, додека Западна Европа доживува малку побавно зголемување од 0,2 до 0,5°C по деценија. На врвот на таа листа е норвешкиот арктички архипелаг Свалбард, едно од местата што најбрзо се затоплуваат на Земјата, со зголемување од дури 1,5 до 2°C по деценија.