Фото: МИА

Политиката на проширување на Европската Унија е клучна за демократската трансформација, владеењето на правото и унапредувањето на добрососедските односи, а кредибилната европска перспектива е од суштинско значење за стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, порача заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, пренесе МИА.

Димитровски учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, кој се одржува во Пржно, Црна Гора. Во фокусот на средбата биле европската интеграција, регионалната соработка и зајакнувањето на стабилноста и безбедноста во Западен Балкан.

На состанокот учествувале министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ, учесници во Берлинскиот процес, како и високи претставници на Европската комисија, Советот за регионална соработка и Регионалната канцеларија за младинска соработка.

Димитровски истакнал дека стабилноста на Западен Балкан не е само регионално прашање, туку и европска неопходност. Во услови на сложени геополитички околности и зголемена изложеност на надворешни влијанија, тој ја нагласил важноста од континуиран регионален и европски дијалог.

Посебно се осврнал на билатералните прашања, посочувајќи дека тие не треба да претставуваат пречка за напредокот кон ЕУ.

 – Со нашиот источен сосед сакаме европски, а не средновековен дијалог – дијалог за иднината, а не за историјата. Во процесот на пристапување кон ЕУ треба да ги трансформираме институциите и да воспоставиме правна држава, а не да го трансформираме идентитетот и да го менуваме историскиот наратив – истакнал Димитровски.

Тој го потенцирал и значењето на Берлинскиот процес како платформа за унапредување на регионалното поврзување, олеснување на слободното движење и создавање подобри услови за економски развој, мир, стабилност и просперитет.

Според Димитровски, продлабочувањето на регионалната соработка и приближувањето кон европските стандарди се важни за забрзување на европската интеграција на Западен Балкан.