Емин Алпер – филмскиот генијалец од Турција, смел и бунтовен маг на психолошката драма – доаѓа во Скопје од 14 до 18 октомври како почесен гостин и лауреат на ИФФ „Киненова“. Емин е автор што доаѓа во Македонија во зенитот на својата слава, откако пред само неколку месеци со своето најново ремек-дело, филмот „Спасение“, буквално ја покори филмска Европа и ја понесе престижната „Сребрена мечка“ (Награда од големото жири) на „Берлинскиот филмски фестивал“. ИФФ „Киненова“ уште еднаш докажува дека носи уметници од највисок светски ранг, признаени и крунисани од светската критика, колегите и од публиката.
По повод доаѓањето во Скопје и примањето на престижната награда за особен придонес во светската филмска уметност, Емин Алпер испрати моќна и емотивна порака.
– Создавањето уметност, вклучително и филмска уметност, секогаш е задоволство само по себе. Но кога ќе ви биде доделена толку голема награда и ќе ви биде оддадено толку високо признание, како што јас го добивам оваа година на ИФФ „Киненова 2026“, што покажува дека вашата работа е ценета, задоволството се претвора во блаженство! Кога добив писмо од Небојша Јовановиќ, во кое ме извести дека ја добивам наградата за особен придонес во светската филмска уметност, почувствував огромно задоволство и возбуда. Голема чест ми е да слушнам дека моите филмови придонесуваат во светот на уметноста. Еднакво е одлично да се добие оваа награда во соседните земји, чија култура и историја се многу блиски до мојата. Исто така е прекрасно да се добие ова признание од фестивал што во изминатите 10 години направи извонредно многу за светот на филмот и стана значајно и препознатливо место за вистинска филмска уметност, не само во Македонија туку и низ целиот Балкан. Всушност, мислам дека вистинскиот придонес кон уметноста доаѓа од организаторите – познатите и непознатите херои зад ваквите фестивали.
Ѝ се заблагодарувам на „Киненова“ за големиот придонес кон светската филмска уметност и киното. Исто така, искрено се заблагодарувам за исклучителната и престижна награда и за честа што ми ја укажуваат на годинашното издание на фестивалот. Нестрпливо го чекам ова возбудливо патување кон Македонија – вели Алпер во својата порака.
Подгответе се за филмска експлозија на 11. издание на „Киненова“, фестивалот што веќе една деценија го носи најхрабриот филмски дух на Балканот, навестуваат од „Киненова“. С.Ј.































