Фото: Пиксабеј

Звукот на морето и брановите е смирувачки за многумина. А како звучи кога ќе се здружат композитор и океанограф? Донекаде неконвенционалното партнерство помеѓу професорот Леи Лианг и научникот Џошуа Џонс од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, резултираше со нова музика инспирирана од звуците од морското дно што луѓето не ги слушнале порано.
Двајцата го слушаат звучниот пејзаж на светските океани повеќе од осум години. Во тој период тие слушнале сè, од татнежот на земјотресите и зуењето на товарните бродови до ниските тонови произведени од сините китови. Звуците се снимени од автономни подводни снимачи на звук и претставуваат широк опсег на фреквенции, од кои многу се надвор од опсегот на човечкиот слух.
– На пример, за да го согледаме богатството на одредени ехолокациски сигнали, мора да ги транспонираме нивните фреквенции и да ја забавиме репродукцијата за 10 или дури 100 пати. Овој процес го открива сложениот акустичен „пејзаж“ на океанот, каде што долините и планините се појавуваат низ зачудувачко ехо – објаснија авторите.
Групата има архива од повеќе од 400 години континуирани подводни звучни снимки.
– Наместо да учам од Бетовен и Бах, сега можам да им се восхитувам на белите китови. Каков дар е што во овој момент можевме да чуеме работи што се целосно недостапни за луѓето благодарение на оваа неверојатна технологија – рече Лианг, кој верува дека уметноста и науката се дополнуваат една со друга и дека колективната имагинација е клуч за решавање некои од најголемите предизвици со кои се соочува нашиот свет.
Тие го нарекоа музичкото дело „Тивок океан“ и му го претставија на светот на концерт на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего. Како што објаснија, публиката може да го доживее скриениот звучен пејзаж на океанот, но и ултразвучните звуци што ги изведуваат човечки изведувачи: професорот Марк Дресер (контрабас), доцентот Кори Смит (пијано) и докторандот Камило Замудио-Ромеро (перкусии).