- Спојувањето на брзиот класичен, забрзаниот и брзиот шах создава сосема
поинаков предизвик за играчите, вели Левон Аронијан, светски првак во брз шах од 2010 година, пренесе „Чес“
Велемајсторите (ВМ) Жорден ван Форест, Абхимању Мишра и Ендрју Хонг се последните тројца играчи потврдени за пилот-изданието на Светското првенство (СП) во тотален шах, со што се комплетира составот од 24 учесници за настанот што ќе се одржи од 10 до 20 ноември во Будимпешта, пишува специјализираната шаховска интернет-страница „Чес“. Организаторите минатиот месец ги открија првите 18 учесници, предводени од светскиот број еден Магнус Карлсен и број три Фабијано Каруана. Комплетираната листа вклучува 18 играчи со рејтинг од 2.700 или повисок според септемвриската листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), вклучително и 10 од најдобрите 13 играчи во светот. Четири од шесте нови имиња се членови на „клубот 2.700“: Ле е рангиран на 18-то место, Аронијан на 20-то, Мамеџаров на 22-то, а Ван Форест е 30-ти. Другите две места им припаднаа на младите Американци, меѓу кои е и 17-годишниот Мишра, кој и понатаму го држи рекордот како најмлад играч што ја освоил титулата велемајстор (ВМ).
– Спојувањето на брзиот класичен, забрзаниот и брзиот шах создава сосема поинаков предизвик за играчите – вели Американецот Левон Аронијан, светски првак во брз шах од 2010 година, пренесе „Чес“.
Пилот-настанот почнува со турнир во брз шах (девет кола со темпо на игра три минути, плус две секунди по секој потег). Потоа, 24 играчи, поделени во четири групи, ќе играат двокружен турнир, со по 10 партии со забрзано класично темпо од 45 минути плус 30 секунди по секој потег. Победата носи три бода, ремито еден, а поразот не носи бодови. Сите играчи продолжуваат во нокаут-фазата, но пласманот во групата одредува за кои позиции ќе се натпреваруваат. Првиот светски шампион на ФИДЕ во комбиниран формат ќе биде прогласен во 2027 година, кога минималниот годишен награден фонд ќе изнесува 2,7 милиони долари, вклучувајќи најмалку 750.000 долари за секој од првите три турнири и 450.000 долари за финалниот турнир со четворица играчи, плус бонуси за постигнатите резултати, пишува „Чес“. Г.И.

































