ОМАЖ: АКАДЕМИК ПРОФЕСОР СВЕТЛАНА МОЈСОВ
- Сите ние сме станати на нозе навивајќи за Светлана да добива понатамошни признанија и да открива нови супстанции. Можеби и од овде некој талентиран млад истражувач ќе може да оди кај неа и да ја наследи. Новите молекули може да станат втор идентитет на Македонија
Радост се појави во Македонија. Ете и ние нешто му даруваме на овој свет, а не само да нѐ пласираат на маргините на образованието. Многу нешта на овој свет останаа со непознати креатори – на пример Вавилонската кула или големите пирамиди и свинги, па дури и иницијалниот архитект на Нотр Дам од Париз. Кој го откри огинот? Кој го откри тркалото? Но, ете гледате, ако нешто потекнува од Македонија, Господ вели – мора да биде благословено – од сега натаму, па уште потаму! А кога сме кај пирамидите, Светлана има сестра што се вика Бојана – познат египтолог и ги разоткрива тајните на Озирис и Александрија. Е па, Светлана, добре дојде во Македонија, ти си нашиот Имхотеп – доктор и архитект на првите познати пирамиди пред 5.000 години.
Двете сестри ги помнам од детството, кога заедно бевме на летување во Охрид и Бриони, со нашите родители, кои имаа длабоко пријателство поврзано со партизанската војна. Татко и господинот Лазар Мојсов е познат во нашата јавност како партизан, автор, историски хроничар и мошне истакнат дипломат, заслужен за неколку меѓународни признанија од Тито, а и за афирмација на Македонија во светот. Таканаречените функционерски деца сите беа мошне интелигентни. Едни беа доста „разгалени“ и тоа се манифестираше во постсоцијалистичкиот период во форма на „чудни“ политички перформанси, спротивни од идеалите на нивните родители. Други – обратно, се трудеа максимално да се истакнат во интелектуализмот и науката. Токму таков пример беа ќерките на господинот Лазар Мојсов. Од Мојсови треба да учиме не само како се станува голем научник туку како се станува голем човек. Ах… заборавив дека тука е мајката. Така е – мајките се одговорни за портретите на личности на нивните деца. Јас во детството бев доста изолиран, што подоцна сам го идентификував како Аспергеров феномен, а таквите деца се самци и „сниматели“ – сѐ околу нив „филмираат“ и го држат во себе. Во тие мои „филмови“ сестрите Мојсови имаа нешто посебно. Во народот тоа го викаат „стар-мал“ – тие се деца, но имаат перформанси на возрасни. Потоа дојде скопскиот земјотрес и јас никогаш подоцна не ги видов. Дознавам дека најпрвин отишле во Белград, потоа таму Светлана студирала физичка хемија, која ги интегрира најврвните науки – физика, хемија, биологија и математика. Таа потоа отишла на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк, каде што до денес има 26 нобеловци. Светлана во својата кариера работела со двајца нобеловци – Брус Мерифилд (R. Bruce Merrifield) и Ралф Стеинман (Ralph M. Steinman). Важно е што нејзината заслуга принципиелно е во откривање методологии што се клучни во секое откривање. Еднаш еден познат професор ме праша – што е најфундаментално откритие? Па рече – откривање методологии или правење алатки. Тоа ме потсеќа на предисторијата каде што преминот од палеолит (кој траел еден-два милиони години) во неолит е правење алатки. Премин од предисторија во историја е откривање на азбуките. Сите текстови велат дека најважно откритие на Светлана е пронаоѓањето на GLP-1. Да, секако. Но уште поважна е инвенцијата на методот за откривање или, пак, инвенција врз инвенција, бидејќи со тоа некои други научници ќе откријат многу други нешта. Сума на такви инвенции е преоѓање од некој модерен палеолит во модерен неолит и историја. Затоа целта на докторатите во модерни времиња се „продукција“ на методологии, а не „продукција на голи факти“. Често зад големи откритија стојат докторанти и, за жал, некои што понатаму може да останат анонимуси. Таков е примерот на инсулинот, кој го откриле и изолирале Бантинг и Бест. Бест бил докторанд и не добил Нобелова награда како Бантинг, но сепак не го оставиле без заслужената слава. Вирусот на полиомиелит го откриле двајца Кинези што работеле со Сејбин и останаа анонимни. Кога се работи за некое признание или награда, победник е најголемото его. Напредокот всушност е трка на инвенции и ега. Благодарејќи на поддршката и сведочењето од пријатели на Рокфелеровиот универзитет, Светлана се избори за своето признание.
Значи, на Рокфелеровиот универзитет кај нобеловецот Брус Мерифилд започна докторска дисертација со крајна цел да синтетизира хормон глукагон. Природниот глукагон се создава во панкреасот, но и во гастроинтестиналниот тракт со група други хормони наречени инкретини и дејствува обратно на инсулинот. Инкретините дејствуваат на мозокот и на сите системи. Теоретски ако глукагонот се инхибира, ќе се зголеми дејството на инсулин, а гликемијата (шеќер во крвта) ќе се намали, па може да се лекува дијабетот. Ако се синтетизираат слични молекули на глукагонот, тие ќе му „конкурираат“ на природниот и така функцијата ќе се блокира. Претходно, Милфорд измислил метод што се вика Solid Phase Peptide Synthesis (SPSS), што значи фиксирање на првата молекула од пептид (скратен протеин) врз ѕидот на епрувета, а потоа една по една да се „налепуваат“ другите молекули. Светлана користела SPSS за докторатот за синтетски глукагон, кој го бранела во 1978 г. Потоа отишла во Бостон, на Универзитетот „Харвард“ во познатата болница „Масачусетс џенерал хоспитал“ каде што синтетизирала нова молекула слична на глукагонот и ја нарекла GLP-1 (glucagon-like peptide 1). Важноста на оваа молекула е што го стимулира инсулинот и може да го лекува дијабетот. Сепак треба да постои извесна функција на панкреасот, па потешки форми на дијабет и понатаму се лекуваат со инсулин. Истовремено се откри дека GLP-1 влијае и на дебелината, односно може да ја намали дебелината, но се разбира заедно со умерена диета. Дебелината денес е огромен проблем со фреквенција од 40 отсто во САД, 62 отсто во Војводина, а во Македонија е 27 отсто. Таа е најголем ризик за смрт заедно со стресот и пушењето. Потоа Светлана повторно се врати во Њујорк во Рокфелеровиот универзитет со поддршка и супервизија на Ралф Стеинман (добитник на Нобеловата награда во 2011 г. за откритија на дендритичните клетки во нервниот систем и имунологијата). Понатаму Светлана синтетизира нови форми на GLP со генетски едитинг, кои се поефикасни и имаат ефекти и кај крвниот притисок, кардиоваскуларниот и нервниот систем, кој од своја страна влијае на имуниот систем („невроимунологија“). Новите молекули значат нови дијагнози и терапии. Се споменуваат и нови лекови за лекување нервни (Алцхајмер) и бубрежни болести, па дури и некои малигни болести. Тоа отвора огромно поле за нови фармацевтски препарати и се ангажирани прочуените фирми „Ново Нордиск“ и „Лили“ во милијардерски бизнис со препаратите „оземпик“, „вегови“, „рибелзус“, „виктоза“, „фундајо“, „зебаунд“, „мунџаро“ и „трулисити“. Кога овие лекови ќе станат поевтини, ќе бидат исто важни како антибиотиците и други хормони. Денес е светот на нафтата, а утре ќе биде свет на новите молекули како нови валути. Во почетокот не ја споменувале Светлана за нејзините заслуги, но дури сега по легални процедури ги добива соодветните признанија. Секако, нејзините колеги и сите ние во Македонија сме на мнение дека ја заслужува и Нобеловата награда, не само заради неа лично туку и заради нас овде во Македонија, делејќи ја нејзината судбина на доскорешно непризнавање. Си помислувам дека и денес во светот апсолутно перзистираат предрасуди, од една страна кон луѓе што потекнуваат од мали држави, а од друга страна кон жените. Тоа ме потсеќа на физичарката Лиза Мајтнер, која е идеологот на нуклеарната фисија. За среќа, таа успеа да избега од нацистичка Австрија, со што се спаси себеси, а и сите нас при што нацистите дојдоа до тие откритија многу подоцна. Познатиот научник Ото Хан соработувајќи со неа ја доби Нобеловата награда, а Мајтнер беше изоставена. Историчарите доаѓаат до суров заклучок, дека таа е дискриминирана како жена.
Со иницијатива на Факултетот за хемија во Скопје, професор Светлана Мојсов доби две признанија оваа недела кај нас: одликувана е со орден „8 Септември“ предаден од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и примена е во МАНУ (Македонската академија на науките и уметностите). Следуваа серија признанија, меѓу кои од Националната академија на науките, наградата „Винфјучер“, десетте личности на списанието „Нејчер“, наградата „Грингард“, 100-те највлијателни луѓе на магазинот „Тајм“, наградата „Принцеза од Астурија“, наградата за научен пробив, наградата „Хелен Дин Кинг“, наградата за истакнати медицински достигнувања, наградата „Крал Фејсал“, наградата за иновации „Броерман“, наградата „Елејн Рединг Бринстер“ и многу други. Кога дојде во Скопје, мислев дека ќе сретнам некоја арогантна и строга личност, но се изненадив од нејзиниот мил поглед исполнет со добрина и мир. Има многу личности во светот што потекнуваат од овде и се многу успешни во светот. Пред десетина години нобеловецот Ферид Мурад, кој потекнува од Гостивар, кај нас (Ендокринолошка клиника во Скопје) одржа предавање за дејството на ендотелинот (хормон од крвните садови) врз серија панкреатични хормони, вклучително и неврохормони. Нобеловката Рита Леви Монталчини на еден конгресен кулуарски муабет рече дека дијабетот и метаболизмот се ново бојно поле на истражувањето. И таа кажуваше за перипетии поврзани со дискриминации на жените во младоста и прогонства од фашизмот во Италија. Сепак на крајот го доби најголемото признание Нобеловата награда за откривање фактори на раст на нервите и други пролиферативни фактори, важни за развој на мозокот, но и настанок на малигни заболувања. Вети дека ќе дојде во Македонија, но набрзо потоа го заврши нејзиниот живот. Сите ние сме станати на нозе, навивајќи за Светлана да добива понатамошни признанија и да открива нови супстанции. Можеби и од овде некој талентиран млад истражувач ќе може да оди кај неа и да ја наследи. Новите молекули може да станат втор идентитет на Македонија.
Проф. д-р Самуел Садикарио Колономос
































