Фото: ЕПА

Цените на нафтата на светските пазари забележаа остар раст откако се појавија информации дека Иран би можел да ги прекине дипломатските контакти со Соединетите Американски Држави поради ескалацијата на израелските воени операции во Либан.

Според податоците од берзите, американската сурова нафта ВТИ порасна за 7,84 проценти и достигна цена од 94,11 долари за барел. Истовремено, цената на нафтата Брент се зголеми за 6,53 проценти и достигна 97,06 долари за барел.

Пазарната реакција следува по извештаите на иранската новинска агенција Тасним, според кои Техеран решил да ги прекине дипломатските контакти со Вашингтон во знак на протест поради најновите случувања во Либан.

Инвеститорите стравуваат дека евентуалното продлабочување на кризата на Блискиот Исток може да предизвика нов раст на цените на енергенсите и дополнително да ги зголеми инфлаторните притисоци на глобално ниво.

Поради тоа, на финансиските пазари беше забележан пад на вредноста на државните обврзници, додека водечките берзански индекси покажаа зголемена нестабилност по периодот на рекордни резултати.

Аналитичарите предупредуваат дека секое дополнително влошување на безбедносната состојба во регионот може да има директно влијание врз снабдувањето со енергенси и врз движењата на светските пазари.