Иран го прекина посредниот дијалог со Соединетите Американски Држави поради израелските напади врз Либан, објави иранската новинска агенција Тасним.
Според агенцијата, иранскиот преговарачки тим ја суспендирал размената на пораки преку посредници и нема да продолжи со разговорите сè додека не бидат земени предвид ставовите на Иран и Хезболах.
Техеран бара прекин на израелската воена офанзива и целосно повлекување на израелските сили од окупираните територии.
Во меѓувреме, Тасним објави дека Иран целосно го блокирал Ормускиот Теснец и најавил блокада и на теснецот Баб ал Мандеб, еден од најважните светски поморски коридори што ги поврзува Црвеното Море, Аденскиот Залив и Индискиот Океан, пренесе „Си-ен-ен“.
Портпаролот на иранската армија Аболфазл Шекерчи изјави дека вооружените сили нема да го толерираат продолжувањето на, како што рече, „бруталните злосторства врз либанскиот народ“.
Тој ја обвини израелската армија за нарушување на либанскиот суверенитет и за смртта на илјадници цивили.
Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи, пак, порача дека актуелното примирје меѓу Иран и САД претставува целосен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан.
– Кршење на еден фронт е кршење на прекинот на огнот на сите фронтови. САД и Израел ќе ја сносат одговорноста за последиците од секое нарушување на договореното примирје – напиша Арагчи на социјалната мрежа „Икс“.
Неговата реакција следува откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди напади врз јужните предградија на Бејрут, област што се смета за упориште на Хезболах.


































