ФУДБАЛ
- Овие измени имаат цел да се справат со дискриминацијата, да го намалат губењето време, да го подобрат темпото на натпреварите и да го подобрат искуството и за играчите и за гледачите, изјави предводникот на судискиот оддел на ФИФА, Пјерлуиџи Колина
- Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) направи измени во правилата на играта што ќе се применуваат од сезоната 2026/2027, како и на Светското првенство, кое почнува идната недела во САД, Мексико и во Канада.
– ИФАБ одобри низа значајни измени во правилата на играта, а Светското првенство ќе биде првиот голем турнир што ќе ги користи. Овие измени имаат цел да се справат со дискриминацијата, да го намалат губењето време, да го подобрат темпото на натпреварите и да го подобрат искуството и за играчите и за гледачите – изјави за новинарите предводникот на судискиот оддел на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Пјерлуиџи Колина, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Во продолжение дел од измените.
Играч што ја покрива устата со рака или со дрес во конфронтациски ситуации ќе добие црвен картон. Сепак, играчите што ја покриваат устата додека водат пријателски разговори со соиграчите или со тие од противничките тимови, на пример, нема да бидат казнети. - Играчите што го напуштаат теренот за да протестираат против одлука на судијата ќе добијат црвен картон. Правилото ќе важи и за секој службеник на тимот што ги поттикнува играчите да го напуштат теренот за игра во знак на протест. Тимовите што предизвикуваат прекин на натпреварот сега ќе го загубат натпреварот, пишува „Ројтерс“.
При изведување аут, судиите ќе почнат визуелно одбројување од пет секунди со крената рака, а ако топката не е во игра на крајот од одбројувањето, се досудува аут за противничкиот тим. Ако не се изведе голаут на крајот од одбројувањето, противничките играчи добиваат корнер.
- Играчите имаат 10 секунди да го напуштат теренот откако ќе се прикаже таблата за замена и мораат да го напуштат теренот од најблиската точка на граничната линија на теренот. Ако фудбалерот што е заменет не го напушти теренот за игра во рок од 10 секунди, замената може да влезе само при првото прекинување на играта откако ќе истече една минута по рестартирањето и судијата ќе му даде знак. Исклучоци се повреди на играчи, проблеми поврзани со безбедноста и сигурноста, пишува „Ројтерс“.
- Фудбалер од поле мора да го напушти теренот за игра една минута по рестартирањето доколку медицинскиот персонал влегол на теренот за да му даде помош. Исклучоци се повреди на голман, судири помеѓу голман и играч, судири помеѓу соиграчи на кои им е потребен третман, тешки повреди (како што се повреди на главата и потреси на мозокот) или кога повредениот играч е пред изведување пенал.
- Ќе има пауза од три минути за хидратација во секое полувреме во секој натпревар. Паузата ќе се прави околу половината од секое полувреме (22 минута). На судиите им е дадена флексибилност во однос на времето на паузата. На пример, ако играч е повреден и му е потребен третман во 20 минута, судијата може да ја означи паузата за хидратација.
- Ако голманот прима третман на теренот, на играчите од двата тима нема да им биде дозволено да го напуштат теренот за игра и да имаат „тајмаут“ со своите тренери.
- ВАР сега може да интервенира и за црвен картон издаден од очигледно неточен жолт картон, погрешен идентитет (на играч му се покажува жолт или црвен картон за прекршок направен од друг играч), неправилно доделени корнери (ВАР може да интервенира ако одлуката може веднаш да се исправи без одложување на продолжувањето на играта), направен прекршок пред да продолжи играта (на пример кога напаѓач ќе направи прекршок врз дефанзивец пред топката да биде во игра од прекин, ВАР ќе препорача преглед на ситуацијата, по што, ако судијата утврди дека е направен прекршок пред топката да биде во игра, ќе се преземе соодветна дисциплинска мерка и корнерот или слободниот удар ќе бидат повторно изведени), соопшти ИФАБ, пренесе „Ројтерс“. Н.М.



































