Деновиве во Скопје во тек е Фестивалот на детска креативност „Трамболини“, во организација на Детскиот културен центар Карпош, а со поддршка на Град Скопје.
Фестивалот, кој годинава се случува по седми пат, е неисцрпен извор на креативност, а преку едукативни и креативни работилници ги развива фантазијата и љубопитноста кај децата.
Учествуваат деца и млади на возраст од 7 до 17 години, кои на забавен начин ќе совладаат нови техники на креативно изразување.
Предвидени се работилници за личен развој, работилници по природни науки, часови по турски јазик, ликовна изложба, како и работилница за изработка на торбички. Ќе биде прикажана и драмската претстава „Волшебното патување“, во изведба на членовите на драмската и балетската секција при ДКЦ Карпош.
На овој фестивал децата ќе можат да уживаат во работилници за личен развој, работилница по природни науки, работилница на турски јазик, ликовна изложба, изработка на креативна торбичка, драмската претстава „Волшебно патување“, која ќе ја изведат членовите на драмската и балетската секција при ДКЦ Карпош.
– Фестивалот продолжува со работилница во Музејот на современата уметност насловена „Временски патници“. Исто така скопската публика ќе има можност да го погледне детскиот мјузикл на македонски јазик „Убавицата и ѕверот“, изведен од талентираните членови на Студиото за детски и младински мјузикли „Бродвеј јуниор“ од Скопје во рамките на Фестивалот на детски мјузикли – велат организаторите.
Манифестацијата трае до 6 јуни.
* * *
Во Струмица ќе бидат доделени наградите за најдобрите библиотекари
В петок , во големата сала на АРМ во Струмица, ќе бидат доделени годишните награди за библиотекари „Павлина Цунева Маказлиева“. Библиотекари на годината за 2025/2026 се Милчо Јованоски, виш библиотекар во НУ „Григор Прличев“ во Охрид, во категоријата јавни библиотеки, и Ленче Славковска, училишна библиотекарка во ООУ „Наум Наумовски-Борче“од Скопје, во категоријата училишни библиотеки.
Благодарници за особен придонес во библиотекарството ќе им бидат врачени на библиотекарите Моника Талеска, Елена Станкоска, Ѓултен Ајрули, Славица Тодорова и Дијана Петкова за особен придонес во библиотекарството.
Во рамките на настанот ќе се одржи и традиционалното советување, годинава на темата „Библиотеките-темели на писменоста“.
Организатор на настанот е библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица, во соработка со „Просветно дело“ од Скопје.
* * *
„Мајка Которичанка“ по повод 70 години ООУ „Андреа Савески-Ќиќиш“ од Тетово
Во рамките на богатата програма по повод одбележувањето 70 години од основањето на училиштето „Андреа Савески Киќиш“ од Тетово, повторна изведба доживеа монодрамата „Мајка Которичанка“ од македонската писателка Ката Мисиркова Руменова.
Според наставничката Елизабета Стојческа, јубилејот на училиштето беше повод за потсетување на сите години исполнети со работа, учење и заеднички раст.
– Посебно ми значи што учениците низ годините покажуваат креативност и љубов кон уметноста – и на сцената, но и преку пишаниот збор. „Мајка Которичанка“ првпат ја поставив на сцена во рамките на празнувањата во нашето училиште, пред многу години. Но, ете, пораката на ова дело остана да се пренесува до денешните генерации и да ја доживее својата реизведба. Тоа зборува за континуитет и за оставање трајни вредности – рече наставничката Стојческа.




































