Фото: Приватна архива

Литературно-музичкиот настан „Читањето е супермоќ“, во организација на „Арс Ламина“, кој се одржа минатиот четврток во книжарницата „Литература.мк“ во ТЦ „Дајмонд мол“ во центарот на Скопје, привлече голем број наградени ученици – „суперчитатели“од целата земја. Тие во текот на учебната 2025/2026 година покажаа љубов кон книгите, стекнаа континуирани читачки навики и пројавија особен интерес за литературата. Награди добија и нивните ментори, а беше избрана и „супербиблиотека“ меѓу училиштата.
Програмата беше исполнета со музика, хорски изведби, оркестарски и сценски настапи подготвени од учениците, кои создадоа прекрасна атмосфера и уште еднаш потсетија дека читањето навистина е супермоќ.
„Читањето е супермоќ“ е кампања за поттикнување на читачките навики кај децата на издавачката куќа „Арс Ламина“, поддржана од Филозофскиот факултет во Скопје и од здружението за дислексија „Ајнштајн“. Мисијата на кампањата е преку понуда на атрактивни изданија за деца да се предизвика и одржи интересот на читање кај децата и да се нотира важноста на читањето од најрана возраст преку вмрежување со образовните институции, општините, надлежните во секторите образование и култура, експертите, родителите и пошироката јавност.
Од југозападниот дел на земјата две талентирани ученички од осмо одделение, Дебора Најденова и Драгана Стојанова, дојдоа во Скопје, заедно со нивната менторка Атина Манчева, наставничка по македонски јазик во ООУ,,Видое Подгорец“ во Колешино. Тие велат дека се интересираат не само за читање на лектирите туку и за друга литература, која ја позајмуваат и од училишната библиотека. Исто така, тие си разменуваат книги со други врсници љубители на читањето. Од сѐ срце ја поддржуваат оваа кампања и порачуваат: „Да,читањето е супермоќ!“
Дебора Најденова пишува и поезија и досега учествувала на повеќе конкурси за поезија и проза. Неодамна беше наградена за нејзината поетска творба „Ако Кирил и Методиј не постоеја“, на регионалниот конкурс на училиштето „Кирил и Методиј“ во с. Иловица, распишан во рамките на одбележувањето на патронатот. Дебора го освои второто место во конкуренција на стотина творби поезија и проза напишани од нејзини врсници.

Литературна секција на ООУ,,Видое Подгорец“, Колешино


Ако Кирил и Методиј не постоеја

Ако Кирил и Методиј не постоеја,
дали зборовите ќе имаа глас?
Дали ќе можев од срце да кажам
„Мајко“,
,,Те љубам“,
,,Сонце“,
„Спас“?

Ќе талкавме низ темни
патишта,без букви,
без песна, без траг,
како модро небо
без ѕвезди ноќе
како желна птица
за својот дом и праг.

Не беше само азбуката
на хартија сива,
туку христијанска
душа света
во секоја книга, песна и мисла
нивната светлина уште лета.

Со срце чисто, полно вера и надеж
го запалиле првиот пламен,
за денес гордо да пишуваме ние
на јазик топол, силен и славен.

Кога ги пишувам овие исконски букви,
гордост ми разлева во градите,
затоа што некој пред многу векови
разгорел срца словенски
испишал благословие за словенскиот свет
се борел за безвременски век.
Ако Кирил и Методиј не постоеја,
и јас ќе молчев сега,
без песна, без сон, без иднина,
без мојата мала трага.
Затоа денес со срце чисто им велам:
„Благодарам за секој збор и дело“!
Светлината што нѐ допре од истокот до западот
ни даде живот
Да не бидеме слепи и глуви!

Дебора Најденова, осмо одделение во
ООУ „Видое Подгорец“-Колешино
Ментор: Атина Манчева