Продолжено примирјето во Иран: Ормускиот Теснец останува затворен, мировните преговори во неизвесност
Американскиот претседател Доналд Трамп ги откажа нападите врз Иран на неодредено време, иако Ормускиот Tеснец вчера остана блокиран, со три брода наводно погодени од огнено оружје, додека ниту една страна не се појави на мировните преговори во Пакистан, пренесуваат светските медиуми.
Трамп во изјава на социјалните мрежи истакна дека САД се согласиле со барањето на пакистанските медијатори „да го одложат нападот врз Иран сè додека нивните лидери и претставници не можат да излезат со унифициран предлог… и дискусиите не се завршат, на еден или друг начин“. Но дури и кога го објави она што се чинеше како еднострано продолжување на прекинот на огнот, Трамп исто така рече дека ќе ја продолжи блокадата на американската морнарица врз трговијата на Иран по поморски пат. Иран ја смета блокадата на САД за акт на војна и изјави дека нема да го укине затворањето на теснецот, што предизвика глобална енергетска криза, сè додека трае блокадата на САД.
– Трамп одлучи да го продолжи двонеделното примирје со Иран, но овој пат не прецизираше датум на завршување на примирјето. Трамп останува желен за дипломатско решение на војната, претпазлив од оживување на непопуларниот конфликт за кој тврди дека САД веќе го добиле. Сепак, пропаѓањето на преговорите, засега, ги нагласува тешкотиите со кои Трамп продолжува да се соочува додека бара договор што ги исполнува неговите многубројни барања. Се смета дека продолжувањето на примирјето би можело да му овозможи на Иран повеќе време да се обедини околу единствена позиција со одобрение од државното водство, иако засега нема голема надеж за таква разврска – се вели во анализа на американските медиуми за можните причини за продолжување на примирјето од страна на претседателот Трамп.
Коментарите на Трамп дочекани со скептицизам од Техеран
Пакистан, дејствувајќи како посредник, во вторникот ослободи луксузен хотел во главниот град Исламабад за нова рунда мировни преговори, со надеж дека ќе биде постигнат договор во последните часови пред истекот на двонеделното примирје. Но Иран воопшто не потврди дека ќе присуствува, а американската делегација предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс остана во Вашингтон, оставајќи очигледен ќор-сокак во речиси двомесечната војна без јасно решение за повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Вчера немаше одговор на објавата на Трамп за примирје од високи ирански претставници, иако дел од првичните реакции од Техеран сугерираа дека коментарите на американскиот претседател се третирани со скептицизам. Новинската агенција „Тасним“, поврзана со корпусот на Исламската револуционерна гарда, соопшти дека Иран не побарал продолжување на примирјето и повторил закани за прекин на американската блокадата врз Ормуз со сила.
Советник на водечкиот преговарач на Иран, претседателот на парламентот, Мохамед Бакер Калибаф, рече дека објавата на Трамп може да биде трик.
Продолжуваат тензиите во Ормускиот Теснец
Во текот на војната, Иран ефикасно го затвори теснецот за странскиот бродски сообраќај, односно за бродови што се обидуваат да транзитираат без негова дозвола. Околу една петтина од глобалната нафта и течен природен гас нормално поминува низ водниот пат.
Британската агенција за поморска безбедност УКМТО вчера соопшти дека најмалку три транспортни брода пријавиле дека биле погодени од огнено оружје во теснецот. Иран го осуди пресретнувањето ирански бродови од страна на американската морнарица како дел од блокадата од страна на САД. Министерството за надворешни работи на Иран ги обвини САД за „пиратство на море и државен тероризам“.
Неизвесност околу продолжувањето на мировните преговори
Трамп со својата завчерашна објава повторно се повлече во последен момент по заканите за бомбардирање на иранските електроцентрали и мостови, кои Обединетите нации и меѓународната јавност ги осудија. Иран соопшти дека ќе ги нападне своите арапски соседи ако биде погодена неговата цивилна инфраструктура.
Пред најновото соопштение на Трамп, висок ирански функционер изјави дека преговарачите на Иран биле подготвени да присуствуваат на уште една рунда разговори ако САД се откажат од политиката на притисок и закани. Првата сесија разговори пред 11 дена не донесе никаков договор, при што САД се фокусираа на долгогодишниот спор околу резервите на високозбогатен ураниум на Иран.
Иран тврди дека има само цивилна нуклеарна програма и суверено право да ја продолжи како потписник на Договорот за неширење на нуклеарното оружје. Техеран сака војната да заврши, санкциите да се укинат, а бара и репарации за штетите од војната и признавање на неговата контрола врз Ормускиот Теснец. Р.С.
































