Цените на нафтата растат трет ден по ред, во услови на кревко примирје во конфликтот меѓу Иран и САД, што ја зголемува неизвесноста на глобалните пазари.
Северноморската нафта „Брент“ за испорака во јуни поскапе за повеќе од еден процент и достигна цена од 103,23 долари за барел. Во меѓувреме, Доналд Трамп го засили притисокот врз Техеран, давајќи му краток рок за доставување предлог за завршување на војната.
Иранските власти, пак, сметаат дека се во подобра позиција поради затворањето на Ормуската Теснина – клучен коридор за глобалната трговија со нафта.
Недостигот од напредок во преговорите дополнително ги вознемирува пазарите. Од почетокот на неделата, „Брент“ порасна за околу седум долари по барел, додека американската сирова нафта бележи раст од речиси четири долари.
Според Денис Кислер од „БОК Фајненшал Секјурити“ (BOK Financial Securities), цените ќе продолжат да растат сè додека не се постигне пробив во разговорите.
– Колку подолго нема проток на нафта низ Ормуската Теснина, толку поголем ќе биде притисокот врз цените – оценува тој.
Главните несогласувања меѓу двете страни остануваат околу клучни прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма.
































