Vezba Blesok 26
Фото: АРМ

На армискиот полигон „Криволак“ продолжува вежбата „БЛЕСОК 26“, во чии рамки единиците на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) реализираат офанзивни тактички операции во повеќе сценарија. Активностите се одвиваат под надзор на оценувачки тим и НАТО монитори, како дел од процесот на оценување на борбената подготвеност на единицата.

Вежбените активности се спроведуваат согласно планираната динамика и опфаќаат маневри на терен, заземање тактички позиции, реакција при контакт со противник, како и инженерска поддршка. Со тоа се потврдува координираното дејствување на единиците и нивната способност за брза и ефикасна реакција во согласност со стандардните оперативни процедури.

Во текот на вежбата, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, заедно со командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, извршија обиколка на контролата на вежбата. При посетата беше извршен увид во сите нејзини сегменти и беше оценет степенот на реализација на зададените задачи на терен.