Фото: Собрание

Делегацијата на Собранието на Република Македонија, во состав Иванка Василевска (заменик-шеф на делегацијата), Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска, учествува на второто редовно заседание за 2026 година на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), кое се одржува од 20 до 24 април во Стразбур.

Според собраниската прес-служба, сесијата ја отворила претседателката на ПССЕ, Петра Баир, која ја нагласила потребата од зајакнато и принципиелно делување за заштита на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Европа.

Пратеничката Иванка Василевска учествувала во дебата посветена на насилството и говорот на омраза насочен кон политичари. Таа истакнала дека овие појави не смеат да се толерираат или релативизираат во ниту една форма, бидејќи директно влијаат врз квалитетот на демократскиот дијалог и функционирањето на институциите.

По дебатата, Василевска упатила прашање до генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во врска со случајот на адвокатот Менкиноски, кому му е изречена десетгодишна забрана за влез во Бугарија, и покрај неговото активно учество во постапки пред Европскиот суд за човекови права. Таа побарала појаснување за тоа дали и преку кои механизми Советот на Европа ќе постапи во овој случај, имајќи ги предвид импликациите врз слободата на движење и пристапот до правда.

Во одговорот било нагласено дека случајот бара дополнително разгледување, со подготвеност за натамошна комуникација со цел обезбедување институционално појаснување.

Во делот посветен на авторските права во контекст на вештачката интелигенција, Василевска истакнала дека е неопходен внимателен баланс меѓу заштитата на интелектуалната сопственост, технолошкиот развој и фундаменталните слободи, особено слободата на изразување и пристапот до информации.

Таа додала дека Македонија бележи напредок во усогласувањето со европските стандарди во областа на интелектуалната сопственост, со воспоставена законска рамка и тековни реформи. Воедно нагласила дека спроведувањето на законите мора да оди паралелно со заштитата на демократските вредности, за авторското право да биде поттик за креативност, а не ограничување на критичката мисла.

Беким Ќоку учествувал во расправата за изборниот процес во Косово, оценувајќи дека изборите биле мирни и инклузивни. Тој се осврнал и на потребата од заштита на правата на немнозинските заедници, како и на предизвиците поврзани со таканаречената „пасивизација на адреси“ во Србија.

Бисера Костадиновска-Стојчевска учествувала во дебатата за говорот на омраза и насилството врз политичари, предупредувајќи дека овие појави особено ги обесхрабруваат жените и младите во политиката и бараат системски одговор.

Во дебатата за укинување на смртната казна, таа истакнала дека ваквата казна е неповратна и носи ризик од судски грешки, порачувајќи дека одмаздата не може да биде основа за правда. Во дискусијата за Украина, нагласила дека формирањето специјален трибунал за агресија би придонело за зајакнување на меѓународниот правен поредок.