Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека таканаречената „пржинска влада“ мора да остане во сила, во спротивно пратеничката група на СДСМ ќе се повлече од работната група за Изборниот законик.
На прес-конференција во Собранието, Филипче оцени дека пржинскиот модел претставува клучен контролен механизам за обезбедување фер и слободни избори, особено во услови, како што рече, на „авторитарен начин на владеење“.
Тој предупреди дека доколку предлог-законот за Владата биде усвоен во Комисија без задржување на овој модел, СДСМ ќе се повлече од понатамошната работа на Изборниот законик.
Филипче обвини дека актуелната власт се однесува на начин сличен на претходни периоди на авторитарно владеење, нагласувајќи дека, според него, се укинуваат механизми што гарантираат контрола и фер изборен процес.
Тој додаде дека, како партија, имаат обврска да алармираат пред јавноста за состојбите, оценувајќи дека власта избегнува надворешна контрола.
Филипче исто така изрази уверување дека ќе дојде до предвремени избори, наведувајќи дека, според него, законските измени се носат со цел побрзо распишување на изборен процес.
































