Поранешниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Артан Груби останува во куќен притвор со електронски надзор, откако Основниот кривичен суд Скопје ја продолжи мерката за дополнителни 30 дена, по предлог на Обвинителството.
Груби е осомничен заедно со поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, за проневера од околу осум милиони евра поврзана со ВЛТ-апарати.
По повеќе од 14 месеци во бегство, тој беше уапсен во февруари годинава на граничниот премин „Блаце“.
По неговото приведување и распит во обвинителството, наместо претходно одредениот притвор во отсуство, судот му изрече куќен притвор, образложен со безбедносни причини. Случајот останува во фаза на истрага.



































