На стрип-фестивалот „Цртани романи шоу“ во Загреб, Хрватска, гостуваа Томе Трајков од Велес и Александар Стеванов од Штип – стрип-промотори. Фестивалот се одржа од 17 до 19 април во Академијата на ликовни уметности.
Според Трајков, оваа работна посета е логичен континуитет на неговата меѓународна стрип-активност.
– Фестивалот на кој учествувавме е еден од оние со најголема традиција и рејтинг во регионот. Тој спаѓа во редот на „комикони“, односно големи стрип-фестивали што се масовно посетени од публика и имаат солидно ниво и бројка на гости, видни имиња од светската стрип-сцена, конкретно сега од Италија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Ирска, Германија, САД, Франција. Самото нивно присуство беше доволен повод меѓу публиката да има и голем број придружни манифестации, во случајов – изложби, панел-промоции, саем на стрипови со штандови, школи/работилници за цртање, косплеј-маскирање во суперхерои, квизови, музички концерти итн. – информира Томе Трајков.
Заедно со хроничарот Александар Стеванов како соработник, Томе Трајков одржа панел-промоција на темата „Македонскиот стрип има минато, сегашност и иднина!“ Освен редовните обврски при присуството на овој фестивал, престојот се искористи за стекнување организациски искуства што ќе се применат во Македонија.
































