Осумдесет години Драмски театар
Пред точно 80 години, на 21 април 1946 година, по формирањето на Куклената сцена, во тогашниот Македонски народен театар е изведена премиерата на куклената претстава „Силјан Штркот“ работена по мотивите на Марко Цепенков, а во адаптација и режија на Петре Прличко, рече директорот Роберт Вељановски на прес-конференција по повод 80-годишнината на Драмскиот театар. Драмскиот театар годинава го одбележа големиот јубилеј со праизведбата на „Мачкина глава“ од авторот Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски. Вечерашнава премиера ќе биде забележана во аналите на театарот како 461. премиерна изведба на Драмскиот театар.
Венко Андоновски, македонскиот романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата, на денешната прес-конференција изрази големо задоволство што ги добил довербата и честа неговиот текст во режија на Дејан Пројковски да биде одбран токму за прославата на 80-годишнината на Драмскиот театар – Скопје. Тој му оддаде признание не само на актерскиот и уметничкиот тим што ја работел последната претстава туку потсети и на илјадниците други автори, режисери, сценаристи, костимографи, творци на музиката, скулптурите, идејните решенија, шивачите, шминкерите и сите други чинители, замислувајќи ги како „еден мал град“ што неуморно твори во процесот на подготовките на претставите во изминатите 80 години.
За текстот на „Мачкина глава“, Андоновски ја добил наградата на ЕУРОДРАМ ̶ за најдобри драми во Европа во 2022 година.
Режисерот Пројковски кажа дека текстот е интересен и податлив за работа.
– Тој нуди одлична матрица за градење на ликовите во претставата. Режисерот очекува одлична претстава, која ќе биде резултат на нивните средби, размена на енергии и светогледи. Форматот на текстот има широчина во светската и домашната политика и промовира вредности. Претставата е работена како постмодерна базирана на два пола, традицијата и катарзата во која се преклопуваат личната среќа и љубовта, страсти, желби и соништа на малиот човек ̶ појасни режисерот Пројковски.
Во уметничкиот дел од тимот што ја подготвува праизведбата на претставата „Мачкина глава“, режисерот соработуваше со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, асистентка на костимографката е Марија Ѓоргиевска, а музиката во претставата ја компонираше Горан Трајкоски. Скулптор е Ангел Петровски, а фотограф Драган Гајиќ. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлерка е Милка Анчевска. Ликови во претставата „Мачкина глава“ и актерска екипа се: Спиридон – Рубенс Муратовски, Марија – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан – Филип Трајковиќ, Симон – Александар Степанулески, Сара – Сара Климоска, Џорџ – Игор Ангелов, Мериен – Сања Арсовска, Штерјо – Златко Митрески и Панзо – Предраг Павловски. Премиерата на претставата „Мачкина глава“ е втора претстава од Годишната програма за работа на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година.
Драмскиот театар – Скопје во осумте децении театарско творење е добитник на сите релевантни награди, признанија и одликувања во областа на културата и театарската уметност.
































