Министерот за одбрана Владо Мисајловски порача дека Македонија останува кредибилен сојузник во рамки на НАТО, со значителни инвестиции во модернизацијата и опремувањето на Армијата, што придонесува за зајакнување на колективната одбрана.
Изјавата следува по средбата со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во НАТО, Метју Витакер, која се одржа во касарната Илинден во Скопје.
На средбата, на која присуствуваше и началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски, се разговараше за инвестициите во Армијата, исполнувањето на НАТО-целите на способности и унапредувањето на колективната одбрана.
Мисајловски истакна дека одбранбениот буџет бележи континуиран раст и се реализира според планираната динамика, при што 32,5 проценти од буџетот се наменети за набавка на нова и модерна опрема.
Тој додаде дека државата е на добар пат до 2035 година да го достигне договореното ниво од 3,5 проценти од БДП за одбрана, како и дополнителни 1,5 проценти за активности и проекти поврзани со одбранбениот сектор.
Од своја страна, Лафчиски информираше дека е во тек вежбата „Блесок 26“, во чии рамки се врши оценување на Лесната пешадиска баталјонска група, со поддршка од САД и сојузниците.
Во рамки на посетата беше реализирана и методско-показна вежба на Баталјонот на специјални сили и Извидувачко-разузнавачкиот баталјон, при што беа презентирани нивната обученост и оперативна подготвеност.
По завршувањето на активностите, амбасадорот Витакер изврши обиколка на изложбата на вооружување, опрема и воена техника со која располага Армијата.
На настанот присуствуваа и вршителката на должност шеф на Мисијата на Амбасадата на САД, Никол Варнс, како и претставници на Армијата, Министерството за одбрана и Амбасадата.
Од Министерството за одбрана оценија дека посетата на Витакер претставува потврда за силното партнерство и сојузништво меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.






































