Фото: Маја Јаневска-Илиева

Енергетскиот дефицит во ЕУ ја принудува Унијата да ги рециклира старите планови за „координирани заеднички настапи при купување природен гас“

  • Заедничкото купување гас е една од многубројните нови мерки што извршната власт на ЕУ ги истражува за да им „помогне“ на земјите да се справат со зголемувањето на цените, бидејќи националните престолнини стануваат нервозни поради ризикот од енергетска криза. Во исто време, ваквиот план ризикува да предизвика реакција од индустријата, која долго време ја доведува во прашање ефикасноста на координираното купување гориво

Европската комисија сака да ги обнови координираните купувања гас низ целата Европска Унија, бидејќи војната на САД со Иран ги зголемува стравувањата за снабдување со енергентот, според плановите на раководството на Унијата во кои увид имал „Политико“.
Тоа е една од многубројните нови мерки што извршната власт на ЕУ ги истражува за да им помогне на земјите да се справат со зголемувањето на цените, бидејќи националните престолнини стануваат нервозни поради ризикот од енергетска криза. Во исто време, ваквиот план ризикува да предизвика реакција од индустријата, која долго време ја доведува во прашање ефикасноста на координираното купување гориво.

Целосна мобилизација за олеснување на координираниот пристап до доставувачите на нафта и гас

ЕУ првпат ја воведе таканаречената агрегација на побарувачката во 2023 година, охрабрувајќи ги купувачите од ЕУ да се обединат преку заеднички механизам „АгрегатЕУ“ (AggregateEU), за да ја здружат побарувачката за гас и да ја усогласат со „странската понуда“, дозволувајќи им да склучуваат и билатерални и заеднички договори. Идејата беше да се зголеми преговарачката моќ на компаниите и да се спречат да лицитираат едни против други, постигнувајќи поевтини цени и зачувувајќи го единствениот пазар.
Иако „АгрегатЕУ“ ​​оттогаш е апсорбиран во поширок сет на алатки, комисијата се стреми да ги прошири тие алатки за да „олесни координиран пристап на ЕУ до доставувачите на нафта и гас и земјите партнери со слични профили на увоз на енергија“, се вели во писмените коментари што треба да бидат доставени подоцна неделава, во кои увид имаше „Политико“. Се вели дека ќе го стори ова со „целосно мобилизирање“ на платформите што го наследија „АгрегатЕУ“, кои вклучуваат места за координирање на купувањето водород и суровини.
Импликацијата е дека новата платформа, исто така, ќе ја зајакне координацијата околу купувањето нафта, во услови на растечки загрижености околу снабдувањето со гориво за авиони. Се додава дека комисијата, исто така, ќе „се стреми да ја засили меѓународната соработка за да го зголеми снабдувањето од нашето соседство и преку мрежата на трговски договори на ЕУ“.
Целта е да се „има моќ за преговарање над Азија“, истакна извор запознаен со ставот на комисијата, на кој му била дадена анонимност бидејќи не е овластен јавно да зборува.

Предлогот има противници, потребно е унапредување на предложениот концепт

Оживувањето на координираното купување може да се покаже како контроверзно. Првичната замисла на „AгрегатЕУ“ беше широко критикувана, а противниците бараа потранспарентни податоци и го доведуваа во прашање тврдењето на комисијата дека системот има широка примена. Други тврдеа дека мешањето на ЕУ може да ги наруши деликатните синџири на снабдување и дека билатералното склучување договори меѓу етаблираните учесници на пазарот е поефикасно.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно месецов изјави дека платформата помогнала да се договорат купувања на гас од 90 милијарди кубни метри и да се усогласат 77 милијарди кубни метри побарувачка за ЕУ ​​од 2023 година, но останува нејасно дали тие бројки ги одразуваат реализираните купувања.
Самата Фон дер Лајен призна дека на платформата ѝ е потребно унапредување.
– Не почнуваме од нула со оваа координација во енергетскиот сектор, но можеме да направиме повеќе и можеме подобро – кажа претседателката на Европската комисија.

Повик за обединет фронт против енергетските проблеми на ЕУ

Сепак, притисокот за оживување на концептот ги одразува растечките повици на ЕУ за пообединет фронт против растечките енергетски проблеми на блокот.
Откако неодамнешното затворање на Ормускиот Теснец сопре околу една петтина од светското снабдување со гас, накратко удвојувајќи ја цената на гасот на холандскиот референтен индекс ТТФ (клучен показател за цените на гасот во Европа), владите на ЕУ веќе се координираа екстензивно, користејќи ги форумите на Унијата за споделување податоци и информации. ЕУ, исто така, ги охрабри националните влади да ги намалат целите за складирање гас на 80 проценти од домашниот капацитет за да спречат панично купување.
Но иако тоа помогна да се стабилизираат цените на гасот во неделите потоа, некои земји сè уште се заинтересирани да избегнат некоординирани дејствија што создаваат нерамнотежи на единствениот пазар, додека ја користат финансиската моќ на побогатите соседи за да обезбедат подобри цени на меѓународните пазари.
Не е јасно до кој степен компаниите ги искористиле овие платформи за време на војната во Персискиот Залив. На состанокот на министрите за енергија минатиот месец, неколку земји ја повикаа комисијата да охрабри поголема координација, според записникот што го виде „Политико“. Таа потреба ја призна и самата ЕУ, според записникот, додека Европската комисија засега не даде дополнителен коментар. Е.Р.