ВМ Драгољуб Јаќимовиќ

ШАХ – ТИМСКО СП 2026 ЗА ВЕТЕРАНИ

  • На СП 2026 за ветерани над 50 години играат 36 екипи од 23 држави

Најуспешниот македонски шаховски клуб и европски првак од 2016 година, скопски Алкалоид, во годината кога слави 50 години од своето формирање учествува на тимското Светско првенство (СП) за ветерани над 50 години, кое во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) се одржува во Драч (Албанија) во девет кола.
Во конкуренција на 36 тима од 23 држави, односно со учество на вкупно 171 шахист (25 ВМ, 4 ЖВМ, 16 ИМ, 4 ЖИМ, 19 ФМ и 12 ЖФМ), Алкалоид, кој пред почетокот е рангиран шести, по првите три кола има четири бода (7,5 поени по табли), откако забележа две победи и еден пораз и моментално е на осмата позиција.
Се игра на четири табли, а боите на „фармацевтите“ ги бранат искусните шахисти и поранешни повеќекратни шампиони на Македонија: ВМ Трајко Недев (2.469, досега 1,5 поен од три партии), ВМ Звонко Станојоски (2.362/2,5), ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2.359/2), ВМ Роландо Кутиров (2.256/1,5) и ЖИМ Габриела Коскоска (2.002).
Во 1. коло Алкалоид го совлада холандскиот клуб Зуид Лимбург со максимални 4-0. Во второто коло скопјани со 2,5-1,5 беа поуспешни од шпанскиот клуб Универзитет Политехника-Каталуња. Во третото коло Алкалоид беше поразен од тимот првиот тим на САД, кој беше и прворангиран пред почетокот на СП 2026, со 1-3. Прворангиран играч на СП 2026 е англискиот велемајстор (ВМ) Мајкл Адамс (рејтинг 2.629) од првата екипа на Англија.
Во категоријата над 65 години играат 54 клуба од 28 држави, со вкупно 245 шахисти (21 ВМ, 4 ЖВМ…). Вакво идентично натпреварување во двете возрасни категории успешно се одржа во Струга во септември 2023 година. Г.И.