РАКОМЕТ – СВЕТСКО УЧИЛИШНО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ

  • На СП 2026 учествуваат вкупно 23 машки и 16 женски репрезентации. Денеска од 8.30 часот кадетите ќе играат со Грузија, а од 10.30 часот кадетките исто така со Грузија

Машката и женската кадетска репрезентација на Македонија остварија убедливи победи во првото коло на Светското првенство во училиштен ракомет, кое вчера почна во Скопје. Машката селекција, предводена од селекторот Горан Кузманоски, ја победи Бугарија со 33-18 (11-9). Најмногу голови кај црвено-жолтите постигна Лука Јовиќ, шест, а еден гол помалку реализираа Стефан Ѓеорѓиевски и Трајче Костов. Натпреварот се одигра во салата „Македонско сонце“, каде што денеска со почеток во 8.30 часот ќе се одигра и вториот меч, против селекцијата на Грузија.
Победа на СП оствари и женската кадетска репрезентација на Македонија. Избраничките на селекторката Даниела Новеска ја победија Белгија со 34-12 (17-6). Најпрецизна на натпреварот беше Ивана Трифуновска, која пет пати ја затресе противничката мрежа, а сестрите Ања и Мила Лашкоски, Рона Мифтари и Антонела Ѓероска погодија по четири пати. Денеска од 10.30 часот Македонија во салата „Крсте Мисирков“ во Гази Баба ќе ги одмери силите со Грузија. Машката репрезентација за противници ги има уште Саудиска Арабија и Република Српска, а женската ќе игра со Словачка.
Свеченото отворање на првенството се одржа во вторникот на плоштадот „Македонија“, каде што беа организирани богата културно-уметничка програма и дефиле на сите учесници. Овој настан го означи официјалниот почеток на шампионатот, кој донесе и голема спортска атмосфера во главниот град. На СП 2026 учествуваат вкупно 23 машки и 16 женски репрезентации.
Натпреварите се играат во шест спортски сали во Скопје (СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“), а финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“, кога ќе се одржи и свеченото затворање на СП 2026. Г.И.