Расчистувањето на Ормуската Теснина од мини, кои според американските проценки ги поставила Иран, би можело да трае и до шест месеци, се наведува во извештај на Пентагон доставен до Конгресот на САД.
Проценката била изнесена на затворена седница пред Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, а ја пренесе „Вашингтон Пост“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.
Според американските официјални лица, ваквата ситуација може да предизвика долгорочни економски последици, особено преку зголемени цени на нафтата и горивата, кои би можеле да се задржат до крајот на годината или подолго.
Во извештајот се наведува дека Иран можеби поставил најмалку 20 мини во и околу теснецот, клучен поморски премин низ кој се одвива околу 20 проценти од светската трговија со нафта. Дел од мините биле поставени далечински со помош на GPS-технологија, додека други биле распоредени од помали пловни објекти.
Од Централна команда на САД и Пентагон засега нема официјален коментар за проценките.
САД бараат од Иран да ја прекине нуклеарната програма, да го предаде високо збогатениот ураниум и повторно да го отвори теснецот. Од друга страна, Техеран одбива да ги продолжи преговорите додека не се укине американската поморска блокада.
Аналитичарите предупредуваат дека долготрајното присуство на мини би можело дополнително да ги дестабилизира глобалните енергетски пазари. Во меѓувреме, Пентагон разгледува повеќе опции за нивно отстранување, вклучувајќи употреба на хеликоптери, беспилотни летала и специјални нуркачки тимови.
































