- Кога ќе ја прочиташ оваа колумна, можеби првата мисла ќе ти биде дека станува збор за нечија туѓа приказна. За некое друго семејство. За некој друг дом. За нешто што се случува далеку од тебе. Но дозволи ми како психолог да ти се обратам директно тебе. Семејното насилство речиси никогаш не започнува со трагедија
- Дозволи да ти поставам неколку едноставни прашања. Дали некогаш си слушнал кавга зад ѕид? Дали некогаш си почувствувал дека нешто не е во ред во домот на соседот? И дали тогаш си си рекол „тоа не е моја работа“? Ако одговорот е „да“, тогаш оваа колумна се однесува и на тебе
Колку трагедии треба да се случат за да разбереме дека семејното насилство не е приватна приказна, туку огледало на нашето општество? Кога ќе ја прочиташ оваа колумна, можеби првата мисла ќе ти биде дека станува збор за нечија туѓа приказна. За некое друго семејство. За некој друг дом. За нешто што се случува далеку од тебе.
Но дозволи ми како психолог да ти се обратам директно тебе. Семејното насилство речиси никогаш не започнува со трагедија. Не започнува со наслов во вестите. Не започнува со шокот што го чувствува општеството кога ќе се случи нешто неповратно.
Тоа започнува многу порано. Започнува со збор што понижува. Со контрола што постепено ја одзема слободата. Со страв што полека се вселува во домот и станува дел од секојдневниот живот. Во таква средина човекот не живее, тој преживува.
Но дозволи да ти поставам неколку едноставни прашања. Дали некогаш си слушнал кавга зад ѕид? Дали некогаш си почувствувал дека нешто не е во ред во домот на соседот? И дали тогаш си си рекол „тоа не е моја работа“?
Ако одговорот е „да“, тогаш оваа колумна се однесува и на тебе. Затоа што најголемиот сојузник на насилството не е само насилникот. Најголемиот сојузник е тишината.
Често како поединци избираме да не реагираме. Не затоа што не разбираме што се случува, туку затоа што не сакаме да се вмешаме. Сакаме мир, комфор и дистанца од туѓите проблеми.
Токму таму започнува првиот слој на општествениот егоизам. Егоизмот на поединецот, кој мисли дека болката на другиот човек не го засега. Но приказната не завршува кај поединецот. Покрај поединците, постојат и институциите, системот што треба да реагира кога некој бара заштита. Полицијата, центрите за социјална работа, здравствените установи, образовниот систем. Нивната задача е јасна – да го препознаат ризикот и да реагираат навреме. Но премногу често институциите реагираат дури кога трагедијата веќе се случила. Постапките се бавни, процедурите се комплицирани, а одговорноста се префрла од една институција на друга.
И тука се појавува вториот слој на егоизам. Егоизмот на институцијата, која ја штити процедурата повеќе отколку човекот. Но дури ни тука не завршува проблемот.
Над поединците и над институциите стои системот, начинот на кој едно општество ги дефинира своите вредности. Ако системот долго време го третира семејното насилство како „семејна работа“, тогаш тој создава простор насилството да продолжи во тишина. Ако системот реагира само по трагедијата, тогаш системот веќе доцни. Тоа е третиот слој на егоизам. Егоизмот на системот, кој се буди дури кога последиците веќе се случиле.
Од психолошка гледна точка, најсилната алатка што едно општество може да ја има е превенцијата. Насилството речиси секогаш остава психолошки сигнали пред да ескалира. Луѓето што живеат во таква средина често покажуваат знаци на хроничен стрес, анксиозност, повлеченост, изолација или депресија. Овие знаци најчесто се појавуваат многу порано отколку што општеството ги забележува.
Затоа системот мора да научи да реагира порано. Една од клучните мерки би била воведување дополнителни систематски психолошки процени, особено во случаи каде што постојат пријави за семејни конфликти или ризик од насилство. Ваквите процени можат навреме да откријат опасни модели на однесување и да овозможат интервенција пред конфликтот да ескалира.
Покрај тоа, неопходни се и други чекори:
• Поголема достапност на бесплатна психолошка поддршка за жртвите
• Отворање повеќе кризни советувалишта
• Задолжителни психосоцијални програми за сторителите на насилство
• Подобра координација меѓу институциите
• Обука на професионалците за рано препознавање ризик
• Супервизија за професионалци
Но дури и најдобриот систем нема да биде доволен ако општеството продолжи да молчи.
Затоа на крајот прашањето не е само што ќе направат институциите. Прашањето е што ќе направиш ти. Следниот пат кога ќе почувствуваш дека нешто не е во ред – ќе ја избереш ли повторно тишината?
Затоа што трагедиите не се случуваат само затоа што постојат насилници. Тие се случуваат и кога општеството премногу долго избира да не гледа. А тишината, кога станува навика, лесно може да стане соучесник.
Авторот е специјалист по медицинска психологија
м-р Адмир Косоврасти
































