Точно се знае кој „оперира“ со дивите депонии, кој ги полни, кој влече корист од нив, а понекаде се знае и кој подзамижува за да се натрупува депонијата без притоа да се преземаат некакви мерки. Како што се подзамижува за трупањето сѐ и сешто по течението на Треска на влезот на Скопје. Може ли за почеток надлежните да чукнат на вратите на ликовите што „подзамижуваат“, да ги тргнат настрана и да им дадат соодветна награда за досегашната активност? Потоа да се премине на втората фаза, да почне расчистувањето со загадувачите, со оние што го истураат сметот врз нашата животна средина, оние што безмилосно нѐ трујат за да можат да си ги наполнат џебовите на сметка на тоа
Времињата се менуваат, луѓето не. Вака приближно би можел да гласи коментарот во врска со проблемите со екологијата, поточно со загадувањето на животната средина. Во зима надлежните наоѓаат оправдување во студот, во загревањето на домовите со несоодветни енергенти, во местоположбата на Скопје, во непланската градба, во малите зелени… Сите се виновни, само не надлежните, кои никако да ги лоцираат загадувачите и да преземат мерки против нив.
Но, што правиме во лето и со „летните проблеми“? Па, лето е, време на годишни одмори, одговорите ќе стигнат кога надлежните ќе се вратат од одмор.
А за тоа време медиумите и невладините ќе ги бројат изворите на загадување, примерите на труење на животната средина – независно дали е тоа со непланско депонирање на сметот на локации што никнуваат прекуноќ, дали е тоа душманското затрупување на речните корита со купишта смет, градежен шут и неупотребливи домашни предмети од бела техника. И сѐ така во круг.
Токму затоа и текстов го почнав со зборовите дека времињата се менуваат, а луѓето не. Се потсетив на еден настан кога при крајот на минатиот век со многу помпа беше спроведена акција со која депонијата Вардариште беше прекриена со купишта земја. Не се ни сеќавам колку камиони со земја беа истурени врз дивата депонија, која ги оставаше без сон жителите на околните населби, не само поради ужасната смрдеа, туку и поради чадот од „вечниот“ оган, што беше буквално секојдневие. И откако конвојот од камиони ја истури земјата, дежурните комуналци со денови ја полеваа земјата со вода, сѐ додека не никна свежа зелена трева. Како капак на хепенингот, бевме поканети поголема група новинари да засадиме дрвца, за да означиме нов почеток, ново, чисто Скопје. Се направи голема врева, се пишуваше на сите страни за тоа, ликовите не се симнуваа од малиот екран објаснувајќи како го оживеале делот на Скопје што бил атомска бомба, расфрлајќи се со слични епитети.
Не помина многу време, тревата пресуши, дрвцата беа изгризани од стоката што неконтролирана ја запоседна територијата, а (не)луѓето што и дотогаш го истураа сметот на Вардариште си продолжија со своето. Си заминаа камерите, се вратија камперите. Луѓето што секојдневно го раскопуваа ѓубриштето барајќи нешто што ќе им донесе каква-таква заработка, а притоа за да си ја олеснат работата, го палеа сметот.
Хроничарите многу добро имаат забележано дека Вардариште дваесетина години имаше улога на главна депонија за фрлање на отпадот од главниот град, иако не беше изградена според стандардите. За црната точка на Скопје, некогашната депонија Вардариште, уште во 2014 година, по нарачка на Град Скопје, беше направена физибилити студија за санација, подготвена од Градежниот институт, во соработка со ангажирани инженери, геолози, шумари, архитекти, биохемичари…, каде што е утврдено дека таа е „богата“ со тешки метали. Исто така е локација каде што може да се создаваат токсичните диоксини, но има и депониски гасови, па истражувачите апелираа да се внимава на можно формирање експлозивна смеса и запалување на депонијата.
И толку.
Деновиве се случи нешто слично. Повеќе од 40 камиони земја биле посипани на локацијата во Трубарево, каде што неколку дена гореше отпад, кабли и пресувани возила, па повеќе нема бел чад, ниту мирис на изгорена пластика, кабли и слични штетни материјали, објавија надлежните. Претходните вечери, до 2 часот по полноќ, комуналните редари од Секторот за инспекција на општината Гази Баба, биле на терен, со цел да го откријат изворот на загадувањето. При увидот на самото место, утврдено е дека од страна на непознат сторител било истурено и запалено поголемо количество отпад – делови од возила поминати на преса.
Добро е тоа што се презеле конкретни мерки и дека проблемот барем засега е тргнат од дневен ред. Но, ако сакаме да не ни се повторуваат сликите и за некој ден депонијата Трубарево (во случајов ја спомнуваме неа како најактуелна, но мислиме на сите диви депонии во земјава) да не ја доживее судбината на Вардариште, тогаш навистина треба да се преземат системски мерки. Скопје не е Њујорк или не знам која светска метропола, па да не се знае што се случува на едниот или другиот крај на градот.
Точно се знае кој „оперира“ со дивите депонии, кој ги полни, кој влече корист од нив, а понекаде се знае и кој подзамижува за да се натрупува депонијата без притоа да не се преземаат некакви мерки. Како што се подзамижува за трупањето сѐ и сешто по течението на Треска на влезот на Скопје.
Може ли за почеток надлежните да чукнат на вратите на ликовите што „подзамижуваат“, да ги тргнат настрана и да им дадат соодветна награда за досегашната активност? Потоа да се премине на втората фаза, да почне расчистувањето со загадувачите, со оние што го истураат сметот врз нашата животна средина, оние што безмилосно нѐ трујат за да можат да си ги наполнат џебовите на сметка на тоа.
Верувам дека може да се направи тоа. Ако сакаме да кажеме дека мислиме на нашата иднина. Ако не, тогаш да кренеме раце и да почекаме купиштата смет да дојдат и до нашите дворови или влезови. Не верувам дека некој од нас го посакува тоа.