Неколку дена пред самитот на ЕУ, иако се познати генералните позиции, сепак (дури и реторички) се поставува прашањето кои се реалните перспективи за проширувањето на Унијата, во одлуките на Советот на ЕУ наредната недела? Имајќи го предвид најавеното „вето“ на Унгарија за Украина, за која се смета дека е „мотив за нов замаец за проширувањето“, кој треба да го искористат и земјите од Западен Балкан, како треба да се постави Македонија во однос на „своите вета“, односно „добронамерните совети“ за спроведување на уставните измени, за наводно да се фати возот за членство во ЕУ до 2030 година?
Во пресрет на претстојниот самит на Европската Унија
Македонија практично го заврши скрининг-процесот на ЕУ, по што доколку се спроведуваше стандардната процедура за почеток на преговори со земјите кандидати, на претстојниот самит на Унијата, кој ќе се одржува наредната седмица, би требало да се очекува одлука за Советот на ЕУ за отворање на поглавјата, т.е. почеток на преговарачкиот процес. Но евроинтеграциите на Македонија никогаш не биле според „стандардна процедура“, па невообичаениот услов за уставни измени за нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот устав не остава голем простор за верба дека наредната недела Советот на ЕУ ќе донесе одлука за почеток на преговорите. Неспроведувањето на бараните уставни измени до зададениот рок (завршување на скрининг-процесот) се чини за Брисел претставува совршен изговор за тоа дека „Македонија се самоблокира“, миејќи ги рацете од одговорноста за непринципиелните шовинистички уцени и вета на својата земја членка Бугарија.
Реалните перспективи за проширувањето
Почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, со сите услови што ѝ се поставени, секако треба да се гледа во контекст на расположението во Унијата за проширување. Најактуелниот наратив од претставниците на ЕУ, во тој контекст, е дека изразената волја за почеток на преговорите со Украина за членство во Унијата е замаецот и мотивот за кој треба да се фатат земјите од Западен Балкан, кои речиси две децении повеќе имаат стаж во чекалницата на ЕУ. Но се чини дека и таквата иронична „понудена шанса“ за земјите од Западен Балкан, особено за Македонија, е компромитирана со најавата за вето на Унгарија за почетокот на преговори и со Украина. Имено, унгарскиот премиер Виктор Орбан побара одобрувањето на пристапните преговори на Украина за членство во Европската Унија да се отстрани од дневниот ред на самитот на ЕУ идната недела. Во писмото до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој ќе претседава со самитот во Брисел, унгарскиот премиер исто така бара на дневниот ред да не се става ниту финансиската помош за Украина. Иако неговиот став е спротивен на оној на Европската комисија, која минатиот месец препорача почеток на пристапните преговори за Украина (и се бараат начини во Брисел да се заобиколи заканата за вето на Унгарија), сепак, оваа состојба ја компромитира и мотивацијата за „фаќање на моментумот“ што им се упатува на земјите од Западен Балкан.
– Кога се зборува за тој моментум на проширување во Брисел, пред сѐ се мисли на Украина да ѝ се даде политичка поддршка во вид на ЕУ-перспектива, како и да се испрати порака дека војната што ја води со Русија на нејзина територија има поширока цел и значење за ЕУ. Но и понатаму останува некако недоречено дали тоа е општа перспектива на расположението за проширување во ЕУ – смета Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции на Македонија.
Дали проширувањето е одложено на неодредено време?
Неодамна, во пресрет на очекуваниот самит на ЕУ, директорот на австриско-германскиот институт „Европска иницијатива за стабилност“, Гералд Кнаус, даде своевидна анализа на темата „Како умира проширувањето на ЕУ“. Според Кнаус, блокирањето на пристапните преговори со Украина и Молдавија би било катастрофално – неправедно, дестабилизирачко политичко лудило. Но, според него, тоа изгледа уште поверојатно.
– Орбан ја блокира Украина. Ако Босна е блокирана, Австрија ги блокира другите. Холанѓаните ја блокираат Босна. Бугарија ја блокира Македонија. Што се однесува на Косово или Албанија… (другите се кријат зад тие блокови на ехо). Само оние што не обрнуваа внимание на последните две децении – и на Балканот – се изненадени од она што почнува да ги погодува Украина и Молдавија. Ништо не беше попредвидливо. Откако Хрватска влезе во ЕУ во 2013 година, земјите членки на ЕУ ја играа оваа игра со сите балкански кандидати. Косово? „Европска перспектива“. Но, бидејќи се пријави за пристапување: нема одговор. Тишина. Но: „направете го ова или она за да не ја загрозите вашата европска перспектива“. Македонија? „Решете ги односите со соседите“. Тоа го направи со Грција. Потоа Франција блокираше, без никаква причина. Потоа Бугарија – со безобразни барања поврзани со историјата, поддржани од цела ЕУ. Сега обвинувајќи го Скопје. Црна Гора? Членка на НАТО, целосно усогласена со надворешната политика, помалку од 700.000 луѓе: сè уште надвор од „капацитетот за апсорпција“ на ЕУ. По 11 години преговори пораката е: „не пред 2030 година, но веројатно ниту тогаш“. Зошто? Албанија? Со години беше „да се чека Северна Македонија“. Сега може да биде блокирана од Грција. А кога ќе се отвори првото поглавје, еден ден, сепак ќе биде една деценија зад Црна Гора – пишува Кнаус, додавајќи дека „за Босна е премногу тажно за раскажување“.
Според него, ако балканските држави се заглавени, „се вели дека тоа е затоа што не се реформираат. Но и ако се реформираат, мора да чекаат ЕУ да се подготви, да се справи со билатералното вето“.
Македонија да продолжи со реформите, но и да си го гледа својот национален интерес
Неколку дена пред самитот на ЕУ, иако се познати генералните позиции, сепак (дури и реторички) се поставува прашањето кои се реалните перспективи за проширувањето на Унијата во одлуките на Советот на ЕУ наредната недела? Имајќи го предвид најавеното „вето“ на Унгарија за Украина, за која се смета дека е „мотив за нов замаец за проширувањето“, кој треба да го искористат и земјите од Западен Балкан, како треба да се постави Македонија во однос на „своите вета“, односно „добронамерните совети“ за спроведување на уставните измени, за наводно да се фати возот за членство во ЕУ до 2030 година?
– Сигналите што доаѓаат од Брисел не се позитивни и се чини дека нема да има пробив во однос на проширувањето. Би било добро земјите членки да испреговараат и да ги „испеглаат“ ставовите за сите предизвици и различни позиции по ова прашање, но од пораките што се упатуваат пред почетокот на самитот не се согледуваат шанси за некаков исчекор. Општото расположение во ЕУ не е наклонето за проширување, а и самиот Макрон, францускиот претседател, изјави дека „проширувањето е долг процес и некои земји можеби нема да можат да го завршат“. Ако целата работа со проширувањето заврши во ќор-сокак, тогаш сите ние имаме голем проблем! И тие надвор од ЕУ, но и тие во ЕУ!
Што се однесува на нас, како Македонија, и покрај сите вета што ни се поставени, параметрите покажуваат дека со реформите сме на исто ниво, а во некои области и понапред од земјите како Црна Гора и Србија, кои преговараат повеќе од една деценија. Со сите предизвици, реформите во Македонија практично никогаш не запреа. Најреално што може да се очекува како придобивка од овој самит на ЕУ е да ни биде понуден фазен влез во заедничкиот пазар и дека Унијата нема да остане само на тие ветени 5 милијарди евра за целиот регион на Западен Балкан и ќе биде овозможен пристап до структурните кохезивни фондови. Во такви услови на неизвесност за проширувањето на Унијата, зошто Македонија би исполнувала уценувачи услови како спроведување на уставните измени, ако нема целисходност, односно придвижување во евроинтегративниот процес? Сепак, реформските процеси не смеат да запрат, но Македонија мора да си го гледа и да постапува според својот национален интерес – вели Ивица Боцевски, поранешен амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции.