Благодарен сум му на Сојузот на спортови на Скопје што подолг период ги следеше мојата работа, ангажман и постигнатите резултати и што ми ја укажа честа да ја добијам оваа престижна награда. Во моментов состојбите со џудото кај нас значително се подобруваат. Во најава имаме неколку проекти за развој и омасовување на џудото, а првпат годинава во Македонија се одржа и Европски куп за јуниори, кој е дел од ЕЏУ-елитните натпревари. Годинава успешно беше организирано Балканско првенство за кадети во Крушево, но организацијата на Европскиот куп во Скопје беше вистински погодок за нашата федерација. ЕЏУ ни даде доверба и како федерација ја оправдавме со одлична организација. Претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, и неговиот тим ги имаат сите заслуги за успесите во надворешната политика и новиот имиџ на нашата федерација во очите на европската џудо-елита, особено за првиот одржан Куп во Македонија во нашата џудо-историја. Она што треба да го дополниме во новата џудо-приказна се спортските резултати на врвните натпревари, нешто што може да го достигнеме единствено со заедничка работа и со добра логистика, вели годинашниот лауреат Паскоски

ЏУДО – ИГОР ПАСКОСКИ, ДОБИТНИК НА ПРИЗНАНИЕТО „НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА СКОПЈЕ“ ЗА 2023 ГОДИНА

Игор Паскоски, добитник на годинашното признание „тренер на годината на Скопје“ од Сојузот на спортови на Скопје, е магистер од областа на науките по едукација во спортот и докторанд на Факултетот за здравствени науки, насока спортски тренер (универзитет „Кало“-Тузла), кој под покровителство на Македонскиот олимписки комитет во 2009 посетуваше обука за врвни тренери во САД, а во 2010 во Лозана го положи испитот за стекнување на ИЦЕЦП-лиценца. Џудото го засака на осумгодишна возраст и непрекинато е присутен на татамите до денес. Кариерата ја почна во ЏК Пролетер од Прилеп, под водство на тренерот Славе Димитријоски. По запишувањето на студиите на Факултетот за физичка култура, продолжи во ЏК Илинден, а набрзо потоа, со формирањето на ЏК Миоки, стана и првиот натпреварувач и првиот државен репрезентативец од овој клуб под раководство на тогашниот тренер Одисеј Албановски, кој уште е активен во стручниот штаб на клубот. Во 2002 година ја презеде тренерската позиција во клубот, а набрзо потоа се активира и во стручниот тим на федерацијата, и тоа прво како селектор на пионерската и на кадетската репрезентација, а потоа и како селектор на сениорите. Сега е селектор на кадетската репрезентација.

Што претставува за вас ова признание и дали го очекувавте?
– Ова е прво признание односно награда за мене од ваков карактер и прво за тренер по џудо воопшто од Сојузот на спортови на Скопје. Секако, ми претставува голема чест и задоволство што се најдов на листата на спортски работници носители на наградата „13 Ноември“ за 2023 година. Беше само прашање на време кога ќе бидат препознаени трудот и резултатот. Сметам дека доколку секој од нас тренерите, во кој било спорт, им се посвети на своите спортисти, тоа несомнено ќе даде резултати што ќе бидат повод за некаква награда или промоција. Благодарен сум му на Сојузот на спортови на Скопје што подолг период ги следеше мојата работа, ангажман и постигнатите резултати и што ми ја укажа честа да ја добијам оваа престижна награда.
Како ја оценувате сегашната состојба во македонското џудо, дали има иднина и што треба за да се развие на уште повисоко и помасовно ниво?
– Во моментов состојбите со џудото кај нас значително се подобруваат. Во најава имаме неколку проекти за развој и омасовување на џудото, а првпат годинава во Македонија се одржа и Европски куп за јуниори, кој е дел од ЕЏУ-елитните натпревари. Во тек се реформи во телата и во комисиите, по што се надеваме дека ќе има значителен напредок. Она што уште недостига се рана селекција на талентирани џудисти, континуирана работа и вложување во нив. Клубовите сами по себе не се финансиски толку моќни за да ги направат потребниот влог и инвестиција и токму тука треба федерацијата да преземе соодветни чекори. Прво стручниот тим да настапи со соодветен план и програма за овие млади таленти, а потоа да се издејствуваат финансии за да се спроведе тој план. Најавените реформи би требало да го дадат решението на овој сегмент од работењето на федерацијата.
Кои спортски елементи треба да постојат за да се стане врвен џудист?
– Освен генетските предиспозиции, потребни се соодветен тренажен процес, детален индивидуален план и, се разбира, соодветни услови за непречено одвивање на тој тренажен процес, а сето тоа во функција на долгорочно инвестирање во изградување врвен спортист.
Кога ќе го видиме следниот македонски џудист/ка на ЛОИ?
– Првото учество на ЛОИ беше во 2016 година во Рио, каде што како тренер на олимпијката Катерина Николоска ја имав честа да бидам првиот македонски тренер по џудо учесник на ЛОИ, а Николоска се запиша во историјата како прва џудистка од Македонија учесничка на ЛОИ. На следните ЛОИ имавме уште еден претставник, Арбреша Реџепи, која како и Николоска настапи со покана од ИОК. Она на што треба да целиме е учество со остварена олимписка норма и се надевам дека за неколку години ќе имаме и такви кандидати.
Има ли потенцијал кадетската репрезентација на Македонија за многу поголеми остварувања?
– Според досегашните анализи, најголем потенцијал постои токму во кадетската селекција, која во моментов е и најуспешна во нашата федерација. Во 2023 година се освоени два медала од Балканијада, деветто место на ЕП, како и петто место на Европскиот куп.
Какви се идните планови со матичниот клуб Миоки, кој често од меѓународните турнири се враќа со медали?
– Имавме многу успешна година и голем број резултати од меѓународните турнири, три медали од балканијадите од вкупно четири освоени од македонски џудисти, како и деветто место од ЕП и петто место од ЕК за кадети. Во периодот што следува фокусирани сме на подготовки за натпреварите во 2024 година, со посебен акцент на возрасните групи до 15 и до 18 години, од кои очекувам уште подобри резултати. На 25 ноември ЏК Миоки е организатор на престижниот турнир „Миоки опен‘‘, каде што традиционално учествуваат 350-500 џудисти од 11-14 земји. Своевремено на турнирот како кадети учествуваа и светски познати џудисти, како што е светскиот и европски првак Немања Мајдов.
Македонија годинава беше организатор и на неколку силни меѓународни џудо-натпреварувања, што, секако, е добар чекор за негова популаризација.
– Годинава успешно беше организирано Балканско џудо-првенство за кадети во Крушево, но организацијата на Европскиот куп за јуниори во Скопје беше вистински погодок за нашата федерација. ЕЏУ ни даде доверба и како федерација ја оправдавме со одлична организација. Претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, и неговиот тим ги имаат сите заслуги за успесите во надворешната политика и новиот имиџ на нашата федерација во очите на европската џудо-елита, особено за првиот одржан Куп во Македонија во нашата џудо-историја. Она што треба да го дополниме во новата џудо-приказна се спортските резултати на врвните натпревари, нешто што може да го достигнеме единствено со заедничка работа и со добра логистика.
Кои се вашите најуспешни постигнувања како џудо-натпреварувач и тренер?
– Како тренер имам освоено шест медали од елитните натпревари од вкупно седум за Македонија, и тоа два златни и еден сребрен од европските купови за кадети, еден сребрен од континентален куп за кадети, еден бронзен од континентален куп за јуниори, како и единствениот медал, бронзен, од ЕП за кадети. Во тренерската кариера, горд сум на освоените 16 медали од балканските првенства.

[email protected]