Фото: Пиксабеј

Директорот на Вториот оддел на Министерството за надворешни работи на Русија, Сергеј Бељаев, во интервју за Спутник изјави дека оправданоста на плановите на Финска да постави ограда долж границата со Русија ќе ја проценат самите граѓани.

– Имајќи ги предвид конфронтирачките дејствија на Финска кон Русија, руската страна одлучи да го раскине руско-финскиот меѓувладин договор за подобрување на прекуграничната соработка меѓу двете земји, потпишан во Хелсинки на 13 април 2012 година. Според тоа, во моментов нема гранична соработка меѓу Русија и Финска. Финската страна ја сноси вината за тоа – објасни Бељаев.

Дипломатот рече дека руските власти нема да ги остават без одговор сите антируски акции на Хелсинки.

Според него, по почетокот на, како што рече, „руската специјална операција“ во Украина, Финска „спроведува континуирана конфронтирачка антируска политика“, поддржувајќи го Киев и снабдувајќи го со оружје, и го заострува притисокот со санкции врз Русија.

Бељаев потсети дека по пристапувањето на Финска во НАТО, „традиционално активниот билатерален политички дијалог на сите нивоа и блиските меѓуресорски контакти беа прекинати, а беше нанесена непоправлива штета на порано развиената трговска и економска соработка, прекината е врската меѓу регионите, вклучително и збратимените градови“.

Претходно, за време на викендот, Финска затвори четири од осумте гранични премини со Русија, под изговор дека се плаши од прилив на илегални мигранти и почна да подига огради на патот.

Можно затворање на границата со Русија најавија и Естонија како и Норвешка која признава дека нема проблем со илегалните мигранти.