Ерос и Танатос

Идејата за оваа колумна ѝ ја должам на мојата драга пријателка и колешка Антоанела. Во мигови на целосна интелектуална и емоционална истрошеност, разговор со некој што те разбира и споделува исти дилеми може да доведе до идеја за инаков поглед на светот. Обидувајќи се да си одговориме на прашањето „quo vadis, homo“ (или парафразирано: каде одиме, каде тргнало човештвото), таа луцидно ја спомена битката меѓу Ерос и Танатос. Заклучокот што се наметнуваше беше дека црнилата и смртта се нормализирани, но и натаму централни за медиумските известувања; и обратно, сè што е убаво, креативно и инспиративно како да е турнато во темнина; како и да не се случува. Или уште полошо, не нè ни допира. Навидум, Танатос го победува Ерос. Но, ако се размисли подобро, тоа се случува на не толку едноставен начин како што би помислиле во прв миг.
Во митолошката приказна, Ерос е бог не само на љубовта туку и на животната енергија. Танатос, од друга страна, е богот на смртта, опонент на животот. Ерос се опишува како добар, како некој што знае да сака и да сочувствува и е полн со животна радост. Танатос е мрачен и насилен. Во психоанализата на Фројд тие се двете најмоќни движечки сили што ги определуваат карактеристиките на личноста. И двете наоѓаат засолниште во човекот кога носи одлуки, но тој инстинктивно одлучува дали ќе ја избере светлината на животот или деструкцијата на смртта. Таму каде што доминира Ерос, одлуките се инспирирани од желбата за убавина, творење, дружење со другите, водење љубов и размножување. Инстинктот на смртта, напротив, ги опфаќа агресијата, гневот и насилството. И без познавање на Фројдовата теорија, не е тешко да заклучиме дека животот е полн со противречности во кои Ерос и Танатос дури и коегзистираат, понекогаш дури е тешко и да се препознаат.
Обично велиме дека не би знаеле што е задоволство ако не сме почувствувале болка. Целото значење и благородноста на убавината ги цениме повеќе откако ќе видиме деструкција. Среќата е посилна откако ќе го победиме очајот, а очајот пак е подлабок откако ќе ја загубиме среќата.

Се разбира дека ако ни е понуден избор, секој нормален човек ќе го одбере Ерос, т.е. силата што означува сила за одржување на опстанокот и желбата за творење. Тоа се навидум силите што ја создавале цивилизацијата, и покрај мислата на Хераклит дека војната е татко на сè (всушност, според него, борбата е единствен пат до правдата, а војната е вообичаена состојба меѓу нештата и луѓето). Романтизираната верзија на (особено западната) цивилизација е дека Еросот бил движечката сила на развојот, на ренесансата, уметноста, доблеста. Тој е импулсот за одржување на животот (и сè што е нужно за тој да цвета, не само да вегетира); тој би требал да биде есенција на хуманизмот. Да, нештата би биле толку едноставни кога би се делеле на бело и црно, а кога во раѓањето на западната цивилизација не би го виделе крвавиот поход на колонијализмот и империјализмот.
Денес, гледајќи ја играта на Животот и Смртта, а во светлина на нашето мижење пред геноцидот во Газа, се поставува прашањето зошто и дали Танатос победува. Парадоксот е во тоа што во име на нечии животи (па, дури и наводна самоодбрана), станува нормално да се убиваат бебиња од инкубатори. Зошто медиумите (вклучувајќи ги и нашите) најважната и најстравотната работа ја сместуваат некаде на крајот, во 5 секунди на ТВ-вестите, а за уривање болница (класичен пример на воено злосторство и злосторство против човечноста) се зборува како за „рација“?
Забелешката на мојата пријателка беше генерална, односно се однесуваше за нашата неспособност и немарност кон сè што е добро, позитивно, успешно – но и поврзано со културата и со убавината. И таа е во право, бидејќи прашањето за тоа што е култура и како е можно кичот и примитивизмот (комерцијализирани и популарни кај обичната публика) или надоаѓањето на „народњаците“ (за кои пееше Балашевиќ пред еден друг марш на Танатос во нашиот регион) да бидат толку општоприфатени а– е сериозен симптом на нашето духовно умирање.
Уште во 1960-тите години, во своето класично дело „Ерос и цивилизација“, Херберт Маркузе пишува за тоа дека битката за Еросот е битка за Животот, односно дека е тоа политичка битка par excellence. Тој ќе побара сите делови на општеството да се борат на страната на Еросот, но на ум ги имал не само страшните сцени од холокаустот туку и тие од Виетнамската војна. Битката против Танатосот е сфатена како битка против војните, воено-индустрискиот комплекс, пропагандата и капиталистичката експлоатација.

Но, неколку години по славната 1968 година, Маркузе самиот ќе ја ревидира својата позиција: ќе сфати дека Еросот е заробен, узурпиран и злоупотребен токму од системот што почива на експлоатација и смрт. Со други зборови, Животот, Убавината и Културата стануваат „опиум за масите“, начин на дефокусирање од суштинските нешта (како постепеното убивање на доблеста, моралот, човечката еманципација, развојот, мирољубивата коегзистенција, правдата). Развиениот капитализам итро ја врти паричката, продавајќи лажна претстава за тоа што е човечка еманципација и живот достоен за човек со наметнување ненаситен консумеризам, општество на спектакл, реалити-шоу, спорт, квазикултура и квазилитература – сè во функција на тивкиот триумф на Смртта. Човекот умира душевно (па, Анери Жиру со право ќе зборува и за зомби-капитализам и за милитаризација на универзитетот и студентите), за да не види дека некои луѓе (масовно дури) умираат заради нечија лакомост и профит. Или дури и во име на намерна депопулациска политика (во духот на малтузијанизмот). Премалку е една колумна (всушност, колумна и не е место за таква расправа), но и во политичките науки и теоријата на меѓународни односи, ние веќе оперираме со концепти како биополитика и некрополитика – политика на Животот (како таков) и политика на Смртта.

И додека ја вртиме главата од она што е злосторство против човечноста (како таква), не мислејќи дека можеби вака вртеле глава и Германците за да не го видат змиското јајце што доведе до индустрија на смртта и холокауст, ние уште и веруваме дека сме добри луѓе. Како нојот ја туркаме главата во забава, лична сатисфакција, алкохол, секс (ослободен од љубов), обложување, амбиции, спортско навивање и сè што навидум е Ерос/Живот, а умираме помалку достоинствено од оние палестински цивили. Ние сме помртви од нив, само нема кој да ни каже.
Така, драга моја Антоанела, јас веќе не знам дали Еросот е сила на доброто и животот или е само маскиран Танатос! Ќе ги продолжиме нашата дискусија и битка. No pasaran!