Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Американското министерство за правда откри неколку доверливи документи при претрес во куќата на американскиот претседател Џозеф Бајден во градот Вилмингтон, во сојузната држава Делавер, објави адвокатот на претседателот Боб Бауер.

Во петокот, Бајден дозволи пристап до неговиот дом со цел „да се пребараат сите простории во потрага по потенцијални досиеја и потенцијален доверлив материјал“, се вели во изјавата на адвокатот на американскиот претседател.

Во претресот, кој траел повеќе од 12 часа, пронајдени се документи од мандатот на Бајден во американскиот Сенат, во кој членуваше 36 години, додека други документи се од периодот кога ја извршуваше функцијата потпретседател на САД, пишуваат медиумите.

Адвокатот изјави дека ниту Бајден ниту неговата сопруга не биле присутни за време на претресот.

Медиумите потсетуваат дека Бајден пред неколку дена изјави дека „не жали“ што се пронајдени доверливи документи во неговиот дом и поранешна канцеларија и дека верува дека проблемот ќе се реши.

– Не жалам. Мислам дека ќе откриете дека нема ништо таму. Целосно соработуваме и со нетрпение очекуваме брзо да го решиме ова прашање – им рече Бајден на новинарите во четвртокот додека беше во Калифорнија за да ги согледа штетите од невремето.

Тој додаде дека документите веднаш по нивното пронаоѓање се предадени на Државниот архив. Адвокатскиот тим на Бајден минатата недела соопшти дека во ноември открил околу 10 досиеја во заклучен кабинет во центарот Пен Бајден во Вашингтон.

Два дена подоцна, на 12 јануари, Белата куќа објави дека во домот на Бајден бил пронајден втор сет на доверливи документи од неговото време како потпретседател во администрацијата на Барак Обама.

Адвокатите на претседателот пронајдоа документи во гаражата на домот на Бајден во градот Вилмингтон, Делавер, а еден доверлив документ е пронајден во соба до гаражата, соопшти тогаш Белата куќа.