Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (8)

Aспект за креативно вклучувањe на грaдот во глобалните процеси и пошироко
Со планот од 1964 година (по земјотресот) беше предвидена реализација на повеќе локални центри, кои би имале пошироко значење за најблиските околни места и би добиле статус на гравитациски центри на пошироки простори и заедно со градот Скопје би формирале единствена агломерациска мрежа на населби. Оваа замисла на планерите не се оствари и наместо плански формирани локални центри се создаде една (во приградската зона) недоволно јасно издиференцирана мрежа на населби, кои се формирани неплански и со многу негативни последици за идниот развој на градот

Урбанизацијата на скопското подрачје е мошне висока. Всушност станува збор за процеси што беа исклучиво насочени кон создавање еден изразито голем градски центар што апсорбира над 80 отсто од населението во регионот, во кој се лоцирани над 130 населени места (села) со различна големина и значење. Со планот од 1964 година (по земјотресот) беше предвидена реализација на повеќе локални центри, кои би имале пошироко значење за најблиските околни места и би добиле статус на гравитациски центри на пошироки простори и заедно со градот Скопје би формирале единствена агломерациска мрежа на населби. Оваа замисла на планерите не се оствари и наместо плански формирани локални центри се создаде една (во приградската зона) недоволно јасно издиференцирана мрежа на населби, кои се формирани неплански и со многу негативни последици за идниот развој на градот.
За карактеристиките на урбанизацијата на Скопје и неговото подрачје од шеесеттите години до денес, од расположивите податоци и претходната анализа можеме да го констатираме следното:
1. Неконтролираниот механички прилив на население сериозно го наруши натамошниот развој на градот и го отежна нормалното задоволување на човековите потреби (работа, домување, снабдување, инфраструктура и сл.);
2. Присутна е голема диспропорција во развојот на градот и регионот;
3. Отсуството на адекватна земјишна политика и на нормативноправна регулатива за имотноправните односи доведе до појава на шпекулација со земјата во приградската зона и уништување на голем дел од плодното земјоделско земјиште;
4. Отсуството на јасна свест за општите цели на развојот на градот и синхронизација на активностите на ниво на градот создаде мноштво противречни ситуации во просторот и остри судири меѓу разните корисници на просторот, состојби на хаос и непочитување на основните принципи во изградбата, кои важат во изградбата на големите градови меѓу кои се вбројува и Скопје.
Градот, од субјектите на неговата изградба, се доживува како механички збир на мноштво неповрзани делови, а не како органска целина што би требало да функционира како сложена просторно-физичка и социјална средина;

5. Неадекватната структура на стопанството во градот и неговата нискоакумулативна способност, односно неадекватната структура на вработените (индустријата и градежништвото) подолго време не ќе може да создаде материјална основа за квалитативна изградба на градската инфраструктура и реконструкција на десетина запуштени населби и не ќе може да овозможи услови за подинамична станбена изградба и сл.;
6. Недоследностите во урбаната обнова на градот по земјотресот од 1963 година до денес се должи и на: субјективните фактори на планирањето, дисконтинуитетот на планирањето, неразвиени инструменти за реализација на плановите, бирократското самоволие во нивната реализација, отсуство на координација меѓу разните субјекти и сл.
Во препораките за развојот на градот и регионот (Европска перспектива на просторниот развој/ESPD European Spatial Development Perspective, Postdam, 1999) меѓу другото се препорачува, што е во согласност со состојбата во која се најдува Скопје, врамнотежен развој и полицентричен урбан систем и нови односи на релацијата село – град, како и комплементарност и соработка помеѓу помалите и поголемите градови, одржлив развој на градот, диверзификација на руралните подрачја.
Потоа еднаквост во пристапот на инфраструктурата и знаењето, ефикасно одржување на инфраструктурата, дифузија на иновациите, пристап до ресурсите. Но и одржлив развој, мудро управување и заштита на природното и културното богатство и слично. Овие основни цели се разработуваат во посебни цели, кои се во функција на врамнотежен развој на Скопскиот Регион, градот Скопје и стотината населби во руралната зона.

Илија Ацески

(Продолжува)