Рокот за автопатот Кичево – Охрид останува ист – во првиот квартал в година ќе биде целосно функционален, а за трасата на автопатот Требениште – Ќафасан, доколку има негативен одговор од УНЕСКО, ќе се бара друго техничко решение за да има целина – автопатско поврзување во овој регион. Тоа го најавија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски при денешниот увид на работите на терен на автопатот, пренесува МИА.
– Автопатот ќе го завршиме во рамките на рокот. Тоа е рок што не беше зададен од нас, туку од претходната влада, која не правеше ништо, освен што даваше рокови. Во првиот квартал в година ќе имаме функционален автопат од Охрид до Кичево. За Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, што ги гради „Бехтел и Енка“, рокот е 2029 година, исто како и за автопатот Прилеп – Битола, од кој очекуваме едната лента целосно да биде готова во првата половина на 2027 година – рече Николоски во изјава кај клучката Требеништа.
Од клучката Требеништа, која е завршена и пуштена под привремен режим, треба да продолжи новиот автопат Требеништа – Ќафасан, единствената делница од договорот со „Бехтел и Енка“ за која нема активности.
За трасата за автопатот се чека согласност од УНЕСКО, од каде што се очекува посета на крајот на месецот или почетокот на следниот месец.
– Имаше и такви што се обидуваа со политиканство и ниски страсти да добијат некакви политички поени, а самиот овој објект, самата оваа клучка, е најголем демант – рече премиерот Мицкоски.
Тој потенцира дека ќе се бара друго решение за трасата за Требениште – Ќафасан во случај на негативен одговор од УНЕСКО.
– Како целина ќе биде завршено. Никогаш нема да биде оставено на забот на времето, како што можевте да видите како било оставено од оние што денеска критикуваат. Беа власт седум години, го оставија оној дел од Кичево од Извор па до клучката кај Врбјани, а да не зборувам за автопатот, кој е дел од проектот за коридорите 8 и 10 д во делот од Тетово до Гостивар, од Гостивар до Букојчани и од Прилеп до Битола – изјави Мицкоски.
Од автопатот Кичево – Охрид (57 километри), кој е во изградба од мај 2014 година, веќе се пуштени 34 километри, делниците Пресека – Песочани и Требеништа – Охрид. Таму имаше неусогласеност меѓу проектната документација и состојбата на терен, се појавија 14 нови свлечишта и немаше клучки и пристапни патишта во првичниот проект. Состојбата на терен сега се стабилизира со изградба на 14 галерии.
При увидот на активностите на терен беше истакнато и дека повторно треба да се иницира одговорност за застојот на работите, како што беше речено, пред 20 месеци кога на одредени делови воопшто немало никакви активности.
– Иницирајте од почеток, некој мора да одговара за оваа направена штета врз граѓаните. Ние сега како Влада сме амбициозни, ќе го завршиме, ама што ако не беше така? – рече Мицкоски при увидот на работите кај Пресека.
Основниот договор за автопатот Кичево – Охрид изнесуваше 411 милиони евра, а со нов анекс во 2018 година вредноста се зголеми за 186 милони евра и достигна 598 милиони евра. Во февруари годинава беше потпишан нов анекс за дополнителни 186 милиони, што ќе се обезбедат од петте најголеми домашни банки, откако прекина финансирањето од кинеската Ексим банка. Со тие средства треба да се овозможи заокружување на работите за кои според новиот анекс рокот е мај следната година.
Во изградбата на автопатот, како што рече министерот Николоски, најголем предизвик се деловите кај Кичево и Ботун.
– Имаме два специфични дела. Едниот е кој оди над градот Кичево до влезот во тунелите кај Пресека. Тука имаме стабилизација на косини со изведба на галерии, што е најмодерно решение. Најчесто имаме мост, галерија, стабилизација на косина, па повторно мост. Се работи за инженерско чудо. Паралелно со тоа, можеби најголемиот проблем е кај селото Ботун, каде што, за жал, до крајот на 2024 година воопшто не биле изведени геотехнички истражувања. Тие ни покажаа дека земјиштето е со многу лош квалитет. Се работи за многу вода, која е во оваа планина, и главно песоклив терен. За да се заштити тој терен таму, ќе се изведат шест објекти, кои влегуваат длабоко во земјата до 21 метар, што е колку една осумкатница – рече Николоски.
На Коридорот 8 најавена е изградба и на автопат од Букојчани до Кичево, во должина од 11 километри. Во тек е избор на изведувач за тој автопат и се очекува да биде завршен за три години. Завршени се 60 проценти од експропријацијата.
































